Денови на шпански филмови во КИНОТЕКА

Сподели

 

Од 15 до 20 ноеври во Кинотека, Денови на шпански филмови 

Шпанија – земја богата со убавини, со историја, со разновидна уметност. Како да се почне да се пишува за сето ова, како да се продолжи, како да се заврши. Не е лесно. Многу нешта се, па може и да се изуми, но работата се поедноставува затоа што фокусот е на уметноста, и тоа најмладата, филмската.
 
На шпанската почва, која е голема, трета во Европа, изникнале уметнички големини од светски калибар. Тоа го овозможило и разноликоста на народите, на јазиците, на традициите. Во сликарството Гоја, Ел Греко, Пикасо, Дали… Во книжевноста, Сервантес со неговиот Дон Кихот, една од најпреведуваните книги во светот. Не смее да се изостави ниту поезијата на Лорка. Своевидни уметнички дела се и архитектонските градби проектирани од Гауди.
 
Посебно внимание исто така предизвикува и шпанската кинематографија. Доволно е да се споменат режисерите Буњуел, Саура, и последниве децении веќе неизбежниот режисер-сценарист Алмодовар. Мал дел – но голем по квалитет – од шпанските филмови ќе биде прикажан во рамките на веќе традиционалната манифестација Денови на шпански филм. Селекција која кинотека се решила да им ја понуди на филмските гледачи, во средината на месец ноември. Составена е од кинематографски ракописи создадени од крајот на седмата декада од минатиот век до самиот крај на втората декада од 21 век.
 
Овие филмски дела критиката ги прифати со голема почит, потврдувајќи го тоа со доделување на наградата Гоја, а филмот потпишан од големиот Карлос Саура е номиниран на Оскар за најдобар странски филм.
 
Првиот филм во годинешнава селекција e КРАВИ, по сценарио и режија на Хулио Медем. Тој направи своевиден експеримент, раскажувајќи ја филмската сторија од ексцентрична гледна точка на кравите, правејќи своевидна алузија на Герника на Пикасо. Ден потоа, љубителите на подвижните слики ќе имаат привилегија да го видат делото на Карлос Саура, МАМА ПОЛНИ 100. Во него, главната ролја ѝ беше доделена на Џералдин Чаплин, наследничка на легендарниот, незаборавниот Чарли Чаплин. Публиката ќе има можност да го види и филмот ЕЛИЗА, ЉУБОВ МОЈА кој исто така е во режија на Карлос Саура. Актерот Фернандо Реј за улогата на Луис во ЕЛИЗА, ЉУБОВ МОЈА, ја доби наградата за Најдобар актер на Канскиот филмски фестивал во 1977 година, а Карлос Саура беше номиниран во категоријата за Најдобра режија.
 
Исто така ќе бидe прикажан филмот ЏИНОТ, во режија на Аитор Ареги и Јон Гарањо, Хозе Мари Гоенага, додека пак сценариост е Карлос Саура. Она што е особено интересно за овој филм е тоа што сценариото е базирано на вистински настани и личности, а во филмот се говори на баскиски и шпански јазик. Во 2018 година ЏИНОТ освоил повеќе награди „Гоја“ (за сценарио, камера, монтажа, најдобар актер, итн.) и ја добил посебната награда на жирито на филмскиот фестивал во Сан Себастијан во 2017 година.
Во оваа селекција ќе бидат прикажани филмовите ТЕЗА ЗА ЕДНО УБИСТВО, психолошки трилер кој нема да ве остави рамнодушни, како и дебитантскиот филм ЕЛ БОЛА. Ова е еден од најуспешните кино првенци во поновата шпанска кинематографија. Освоил не една, не две туку четири награди Гоја. Често е споредуван со францускиот филм 400 УДАРИ на легендарниот Франсоа Трифо.Посетителите ќе можат да го погледнат и филмот СЕДУМ МАСИ ЗА БИЛЈАРД.
 
Нема сомнение дека филмовите кои доаѓаат од Пиринејскиот полуостров, ќе ги заинтересираат и задоволат филмските гледачи од нашава земја, дел од Балканскиот полуостров.