Во рамки на Деновите на германскиот јазик, кои оваа година се одбележуваат под мотото „Германскиот јазик гради мостови“, Кинотеката на Македонија го носи на големото платно швајцарскиот филм „Здраво, Бети“ (Hallo Betty).
6 октомври, со почеток од 20часот во Кинотека на Македонија.
Една жена. Една идеја. Еден лик што ќе стане легенда. Во 1956 година, младата рекламна текстописка Еми Креола добива задача да осмисли кампања за нова книга со рецепти. Така се раѓа Бети Боси – измислената домаќинка која ќе стане едно од најпрепознатливите имиња во Швајцарија.
Во режија на Пјер Монар, „Здраво, Бети“ е шармантна приказна за создавањето на една икона, но и за жената што стои зад неа. Филмот нè враќа во време кога жените допрва го освојуваат своето место во професионалниот живот, а една рекламна идеја неочекувано прераснува во нешто многу поголемо. Во главната улога е Сара Шпале, а во актерската екипа се и Мартин Фишер, Рабеа Ег, Вивиана Запа, Сирил Мецгер и Леонардо Нигро. Сценариото е на Андре Кител.
Филмот беше прикажан на повеќе меѓународни фестивали, меѓу кои Женевскиот меѓународен филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Палм Спрингс, Solothurner Filmtage и Меѓународниот филмски фестивал во Даблин. Сара Шпале и Мартин Фишер беа номинирани за Швајцарската филмска награда 2026, а „Здраво, Бети“ доби и Специјално признание – филм на затворањето на Филмскиот фестивал во Стоуни Брук.
6 октомври | 20:00 часот | Кинотека на Македонија. Дојдете да ја откриете приказната зад ликот што требаше да биде само рекламна идеја, а стана дел од швајцарската култура. Во духот на мотото „Германскиот јазик гради мостови“, ве покануваме на филмска средба што ги поврзува јазикот, културата и киното. Ве очекуваме.
Влезот е бесплатен.
текст/фото Кинотека


