Денови на култура во Општина Илинден 2023

Сподели

 

Општина Илинден на 16 и 17 мај 2023 година, ќе ги реализира традиционалните Денови на културата, во чии рамки во Домот на култура „Илинден“ ќе се одржи 24-та Литературна манифестација „Илинден 2023“, а во соработка со Друштвото на писателите на Македонија. По тој повод денеска во просториите на ДПМ се одржа прес-конференција на која беше претставена Програмата на манифестацијата, а за активностите говореа градоначалникот на Општина Илинден, м-р Александар Георгиевски, претседателот на ДПМ, проф. д-р Христо Петески како и претседателката на Собранието на ДПМ, проф. д-р Кристина Николовска.

Во рамките на манифестацијата на 16 мај (вторник) ќе се одржи, Трибина : „Идентитет во книжевноста” а „Книжевноста како идентитет”, со учество на еминентни писатели и литературни критичари, потоа креативна работилница „Имагинарница” на тема „Како се создава литература за деца и млади ” со учество на писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од општина Илинден, како и традиционалното Литературно матине за деца “Пролетно поетско будење на Илинден” со учество на повеќемина истакнати македонски писатели за деца и млади. По повод  Меѓународната Литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема “Творам за Илинден” за учениците од општинските основни училишта, при што на Литературното матине за деца ќе бидат прочитани и наградените песни, а на учениците ќе им бидат доделени пригодни награди. Дел од манифестацијата е ликовна изложба на Леетив Намдаг Жанчивин, Конзул на Монголија во Република Македонија, како и културно уметничката програма со настап на Ансамблот за народни песни и игри “Илинден” и бендот “Етно состав Илинден”.

Централен настан на манифестацијата што се реализира во соработка со Друштвото на писателите на Македонија е поетска вечер “Нашинска, татковинска” посветена на современата македонска родољубива поезија што ќе се одржи на 17 мај (среда) со почеток во 19.00 часот, на кој ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети.