Џафери-Сарацин: Силна поддршка за следниот исчекор во европските интеграции

Сподели

 

Претседателот на Владата Талат Џафери, се сретна со Мануел Сарацин, специјален пратеник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан.
Реафирмирана е силната поддршка од Германија за следниот исчекор во европските интеграции, како клучен за граѓаните на Северна Македонија да го осигураат членството во ЕУ во непрекинат процес.
 
Се оцени дека Република Северна Македонија се наоѓа во исклучително важен момент од демократскиот развој, кога треба да спроведе уште едни фер и демократски избори, но и да ги реализира евроинтеграциите.
Во таа насока е поздравен ставот на премиерот Џафери и на новиот владин состав за организирање и спроведување изборен процес по европски стандарди и е нагласено дека тоа се очекува да се слушне и види и од сите политички субјекти во изборниот процес.
 
Во делот на евроинтеграциите, се потенцираше дека одлуката во Собранието, со којашто би се исполнил единствениот услов од Преговарачката рамка и Северна Македонија би влегла во преговарачкиот процес, е од важност и за стабилноста на целиот Западен Балкан.
 
Премиерот Џафери се заблагодари на Германија како најголема земја членка на ЕУ и конкретно на личниот и активен ангажман на високиот германски претставник Сарацин за континуираната поддршка на перспективите на Северна Македонија, како и на водечката и одговорна улога во европската иднина на Западен Балкан.