Џафери со донација во домот за стари лица „Мајка Тереза“ Скопје

Сподели

 

Денес претседателот Џафери го посети домот за стари лица „Мајка Тереза“ Скопје кој што е објект во рамките на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, со донација по повод новогодишните и божиќните празници.

 

 

Претседателот Џафери подвлече дека денешната донација е во координација со вработените и е во насока да го направи поудобен и полесен престојот на корисниците на услугите во Домот за стари лица. Во разговор со раководителот на објектот „Мајка Тереза“, Дејан Петров, претседателот истакна дека е особено важно да се имаат во вид предизвиците со кои се соочува и оваа категорија на граѓани и да бидеме подготвени да ги слушнеме мислењата и желбите што ги споделуваат. „Денес ги слушнав предизвиците со кои се соочува институцијата во која што престојувате и во комуникација со раководителот и со другите надлежни институции ќе се обидеме да дојдеме до некое трајно решение од инфраструктурен аспект и да го надминеме овој предизвик,“ рече претседателот Џафери. Во честитката упатена до присутните за новогодишните празници, претседателот Џафери се заблагодари за придонесот на старите лица во развојот и напредокот на државата и им посака деновите на старост да им бидат поминати во мир и достоинство.

 

 

Раководителот Петров, при изразување на благодарност за посетата и донацијата од претседателот, нагласи дека оваа посета е убава можност за него и вработените лично да ги пренесат своите размислувања за разубавувањето на животот на корисниците, за подобрувањето на стандардот на сместување и за услугите што ги нудат на корисниците и покрај тоа што немаат доволно персонал и современа инфраструктура. Нивниот слоган „И староста  може да биде убава“ вистински се отсликува во нивниот труд а корисниците не штедеа зборови на благодарност кон тимот.

Средбата беше уште поубава со личната поезија што ја читаше поетесата Мирослава Богатинова, која ги разнежи срцата на присутните на овој убав настан а корисниците срдечно го поздравија и се заблагодарија за посетата на претседателот Џафери.

Претседателот Џафери донираше и нагледни средства и опрема за сензорна соба во Основните училишта со ресурсни центри „Златан Сремац“ и „Иднина“. Оваа донација се реализира традиционално и е согласно потребите на учениците во консултација со наставниот кадар.