Димитриевски: Во Европа треба да влеземе како Македонци и да станеме Европејци!

Сподели

 

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски вчера беше гостин во ТВ Сител, каде главни теми на разговор беше спорот и преговорите со Бугарија, каде тој изјави:

“Се разговара за нешто што е недозволиво и бугарската страна ја повторува историјата, за жал користејќи го моментот дека Македонија сака да биде таму кај што се сите развиени и модерни држави во светот, а тоа е Европската унија. Сите оние барања што беа поставени се општо неприфатливи, не само за мене, туку и за македонската јавност, бидејќи нема простор за преговори за идентитет, за Гоце Делчев, којшто е сржта на постоењето на македонскиот народ во современата, поновата македонска историја, кој се родил како Македонец, живеел, работел и загинал за Македонија. Впрочем, вечното почивалиште му е тука во Скопје. Се отворија многу шпекулации во јавноста. Видете, многу лесно е некогаш да му се правите силен на послабиот. Бугарската страна го користи активно овој момент да зграби што е можно повеќе, но верувам дека ќе изнајдеме начин и средства да го надминеме тоа и повторно да ја постигнеме нашата цел, членство во Европската унија, бидејќи НАТО веќе го затворивме.

Не е целта само да се влезе во Европа, ние во Европа треба да влеземе како Македонци, горди Македонци и да станеме всушност Европејци. Меѓутоа и на другите соседи треба да им биде апсолутно јасно дека од Македонец Бугарин не бива, не бива ниту Србин, а уште помалку Грк. Затоа ќе мора да го прифатат тоа врз база на историските факти за да сите како пријатели продолжиме понатаму. Зошто овој момент сега се користи за раскусурување на историјата. Таа треба да се остави на историчарите, така како што е предвидено во договорот за меѓу соседски односи. Иако јас лично го немам видено и сметам дека јавноста многу малку знае за него, а ние да разговараме за иднината. Бидејќи доколку Македонија го добие датумот за преговори и почеток за преговори со ЕУ еден од најголемите бенефити по однос на искористување на фондовите од ЕУ ќе го има токму соседна Бугарија. Зошто? Затоа што мене како градоначалник најголем број на луѓе кои што имаат искуство во реализација на европските проекти доаѓаат од токму од соседна Бугарија.

Македонците се луѓе со сопствени корени, со сопствен јазик кој е меѓународно кодифициран, се изучува како составен дел на катедрите на многу Универзитети во светот и тоа е факт од кој не треба да се бега”, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски за ТВ Сител.

denesmagazin.mk