Вести Македонија Ударни вести

Димитров: Колку повеќе ги решаваме проблемите, толку е подобро за сите нас во регионот

Сподели:

 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА), дадено на маргините на четвртиот министерски состанок што изминатите два дена се одржа во Солун, говори за последните случувања во регионот, за Договорот од Преспа, за но и за случајот со Никола Груевски, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на македонската дипломатија, коментирајќи ги последните случувања во регионот и на релација Србија-Косово, изразува надеж дека Договорот од Преспа ќе биде извор на инспирација и мотивација за решавање на другите проблеми, како што е дијалогот меѓу Приштина и Белград.

-” Сѐ уште имаме проблеми во регионот. Се надевам дека она што го направивме со Договорот од Преспа ќе биде извор на инспирација и мотивација и за другите проблеми што треба да се решат, како што е дијалогот меѓу Приштина и Белград. Еден проблем во регионот влијае на сите нас и успехот на една земја подеднакво добро влијае врз другите земји од регионот. Во наш интерес е да имаме добри односи со сите земји. Нашиот глас за членство на Косово во Интерпол беше доследен како што гласавме и претходно. Ги следиме нашите партнери од ЕУ и НАТО, ќе направиме се за нашите односи со Белград и Приштина да бидат позитивни” – вели Димитров.

Тој додава дека Македонија внимателно ги следи последните случувања, „бидејќи колку повеќе ги решаваме проблемите, толку е подобро за сите нас во регионот”.

За следните чекори кон финализирање на Договорот од Преспа, шефот на македонската дипломатија објаснува дека Македонија е цврсто посветена на завршувањето на обврските, а двете земји се многу блиску до затворање на 27-годишниот спор.

– Процесот не е едноставен и затоа го нарекуваме историски. Убеден сум дека правиме многу важна работа, не постои друга иднина освен блискост, пријателство и помирување. И цврсто сме посветени, ова е наш приоритет, мора да ја завршиме нашата задача, а потоа процесот ќе се префрли во Грција. Мислам дека сме многу блиску до затворање на еден толку важен проблем кој беше отворен 27 години и да изградиме мост на блискост меѓу двете нации. Светот е полн со неизвесности, ЕУ е зафатена со сопствените проблеми, време е ние да преземеме одговорност за нашата судбина и иднина – вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров во интервјуто за Независната балканска новинска агенција (ИБНА), пренесе МИА.

За одржаниот министерскиот состанок во Солун, шефот на македонската дипломатија уште еднаш го повторува неговиот став изразен вчера пред грчките медиуми дека е среќен поради фактот што интересот од медиумите бил помал во споредба со претходно, бидејќи тоа, според него, е порака дека успеале да го направат регионот помалку интересен.

– Дискутиравме за ситуацијата во регионот, разговаравме за тоа како земјите што се веќе членки на Европската унија, можат да ни помогнат на нас земјите што сакаме да започнеме пристапни преговори. Многу пријатна и конструктивна атмосфера и не треба ова да не изненадува, бидејќи ние навистина сме природни сојузници – вели шефот на македонската дипломатија.

Во однос на случајот со одобрениот азил за Груевски од Унгарија, Димитров вели дека законите и принципите треба да важат подеднакво за сите, а не селективно. Коментира дека е парадоксално, бидејќи во заклучоците од Советот на ЕУ за општи прашања „се бараат одговорности за индикациите за кривични дела кои произлегоа во врска со прислушуваните разговори”.

– Имаме извештај за владеењето на правото за периодот додека Груевски беше на власт. И сега, владеењето на правото не важи само за нас, туку за целата унија. Ќе продолжиме да го почитуваме овој принцип, многу е важно за нашите граѓани и ќе бараме на легален начин да ги убедиме нашите унгарски пријатели дека владеењето на правото е посилен принцип од законот на владетелот. Законот мора да се применува за сите подеднакво, а не селективно- вели Димитров во интервјуто.

Сподели: