ДИМИТРОВ: Македонија не извршила разузнавачки дејства против Србија

Сподели

-“Владата на Република Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји, вклучително и Србија”, изјави денеска на прес-конференција македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.

Тој рече дека институциите на државата работат согласно законот за заштита на уставниот поредок и на граѓаните на Република Македонија.

„-Впрочем токму луѓето во оваа Влада ги почувствувале последиците од незаконско прислушување и добро знаат што значи тоа. Суштината во пристапот кон регионалната соработка на новата Влада на Република Македонија се темели на решавање на проблемите кои постојат во регионот, наспроти создавање на проблеми. Тоа е политика на отворени врати и решенија, на нов конструктивен и отворен пристап кон соседите, тоа се решенија кон унапредување на добрососедството, соработката и партнерството со другите земји од опкужувањето“, рече Димитров.

Тој посочи дека доколку постојат било какви недоразбирања, сметаат оти директниот разговор и дијалог е вистионскиот начин за тие да се адресираат.

Димитров рече дека во неделата доцна попладнето кога ја добил нотата на амбасадата на Република Србија, како министер за надворешни работи на Македонија веднаш директно му се јавил на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, но дека не успеал да го добие, а дека исто така телефонски разговор побарале и вчера преку македонскиот мабасадор во Белград, а од другата страна добиле најави дека таков разговор со Дачиќ најверојатно ќе се случи утре.