ДКСК: Двосмислени и непрецизни закони оставаат широк простор за коруптивно однесување

Сподели

Лошо формулирани законски одредби, закони напишани со неразбирлив јазик или со некохерентна правна техника, непрецизни и нејасни законски одредби овозможуваат законот различно да се толкува и оставаат широка можност за коруптивно однесување во примена на законите, нагласува Државната комисија за спречување корупција(ДКСК).

Една од надлежностите на Комисијата е антикорупциска проверка на сите предлог-закони, но и на приоритетни важечки закони. Прелиминарната анализа на легислативата за вработување во јавниот сектор, објавена во октомври, во 19 закони утврди 46 можности за коруптивно однесување. Со распишувањето на изборите, пак, ДКСК предупреди на законската недореченост за „итни и неодложни“ вработувања во предизборниот период, „дупка“ која овозможува масовни вработувања во јавниот сектор пред избори.

– Ризиците го наоѓаат патот во прописите и може да се создадат преку лош законски текст или со несеопфатно размислување што може законот дополнително да направи за спречување на корупцијата. Законот може да биде многу јасен и недвосмислен, сепак да покажува недостиг на превентивни механизми. Недостигот на превентивни механизми дава можност за прекршување на регулативата со помал ризик за одговорност, поради комплетен недостиг на санкции или утврдени неефикасни и слаби санкции – велат во ДКСК, чија методологија за проверка на законите има листа со 14 ризици.

Меѓу нив се двосмисленост на одредбите, дискрециски овластувања, непрецизиран опсег, недостаток на превентивни механизми, преклопување на надлежности, нецелосно дефинирани процедури, недефинирани фази или рокови, непредвидени санкции или контролни механизми…

Главна цел во проверката се законите од правни области и сектори кои вообичаено се подложни на корупција, или кои содржат механизми подложни на корупција, како давање субвенции или финансиски повластици, издавање лиценци и дозволи, вработувања во јавен сектор, наплата на надоместоци…

По проверката, ДКСК доставува извештај до надлежното министерство, кое е должно „да го земе предвид мислењето со препораките“.

мета.мк