Во рамките на меѓународната соработка, директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески и раководителката на Сектор, Светлана Успрцова, во Мадрид имаа средби со д-р Севериано Хернандез Виченте, генерален директор на Дирекцијата на државните архиви на Шпанија и со д-р Хуан Рамон Ромеро Фернандез, директор на Националниот историски архив на Шпанија.
![](https://denesmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/03/emil-krsteski.jpg)
На овие средби стана збор за можностите за продлабочување на билатерална соработка, поточно за евидентирање на документите што се однесуваат за Македонија, а се наоѓаат во Архивите во Шпанија, како и за поддршка во процесот на дигитализација на архивските документи и материјали во нашиот Државен архив и негово вклучување во европските архивски проекти.
![](https://denesmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/03/arhiv-spanija-krsteski-emil-1-1024x576.jpg)
“Државните архиви на Шпанија процесот на дигитализација го имаат започнато први во светот, уште во 1995 година и нивното искуство е значајно за реализација на тој процес во нашиот Државен архив” – изјави по средбите директорот, д-р Емил Крстески кој додаде дека наскоро очекува од шпанските колеги да се добијат и копии од архивските документи што сведочат за учеството на 137-те Македонци во Интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна (1936-1939), кои се бореле на страната на Републиката, од кои 65 загинале на боиштата.
![](https://denesmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/03/335598034_210521188299746_8415565487585202640_n-1024x768.jpg)
На средбите и разговорите во Историскиот архив на Шпанија во Мадрид, на кои учествуваше и нашиот амбасадор во Кралството Шпанија, Оливер Крлиу, стана збор и за поддршката на шпанската влада за нашето целосно интегрирање во Европската унија, со која тие ќе претседаваат во втората половина од оваа година и на чија агенда високо се поставени процесите на дигитализација на администрациите во општествата, вклучително и на државните архиви, за што ќе се создадат и посебни фондови.
![](https://denesmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/03/Emil-Krsteski-arhiv.jpg)
Амбасадорот, Оливер Крлиу посебно ја нагласи и соработката на двете земји во рамките на Медитеранската унија.
![](https://denesmagazin.mk/wp-content/uploads/2019/12/SEMM-baner_MK.jpg)