ДКСК: Во годишниот план за проверка на имотна состојба и интереси ќе бидат носителите на јавни функции во секторот правосудството

Сподели

 

Државната комисија за спречување на корупција согласно член 19 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во последните три месеци од тековната година усвојува Годишен план за наредната година за следење на имотната состојба и судирот на интереси, применувајќи пристап заснован на проценка на ризикот од корупција, при што е должна да ги земе во предвид:

  • Податоците за идентификувани ризици од корупција согласно со анализата на ризик од корупција од членот 17 став 1 точка 17 од законот
  • Податоците за ризикот на одделени категории на субјекти, одделни субјекти и други достапни податоци за субјектите и слично.

Имено, проценката на ризици од корупција е процес кој го сочинуваат три фази и тоа: идентификација, анализа и оцена на ризикот. По утврдена  анализа за ризици од корупција заклучено е дека еден од проблемите кој генерира висок ризик од корупција е областа на правосудството.

Клучен сектор во владеењето на правото е правосудството кој ги опфаќа сите институции со надлежност да иницираат постапки за кривични дела, да процесираат постапки и носат пресуди. Проблемите во владеењето на правото се препознаени веќе подолг временски период од страна на меѓународните организации и домашната јавност. Тие резултираат во ниска стапка на санкционирање на коруптивното однесување на ниво на општество, вклучително и во самиот сектор правосудство. На тој начин се поткопува општествениот систем зашто судската власт не функционира соодветно, што директно се одразува на сèвкупното функционирање на општеството.

Од анализата произлегува дека основната дејност во секторот правосудство носи во себе ризик од корупција. Тековно, интегритетот на човечките ресурси во органите на правосудството (посебно судиите) е клучен фактор дали ќе се случи корупција или не.

Имајќи го во предвид горенаведеното, Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека во годишниот план за проверка на имотна состојба и интереси ќе бидат носителите на јавни функции во секторот правосудство.

Годишниот план опфаќа една календарска година и е поделен во четири квартални периоди за следење. Во секој квартал ќе бидат опфатени одреден број на носители на јавни функции и тоа во прв квартал предмет на проверка се претседателите на основите судови во Република Северна Македонија, претседателите на апелационите судови како и јавните обвинители кои ја извршуваа функцијата на јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Во прилог и составен дел  на Планот е  акцискиот план за проверка на имотна состојба и интереси на носителите на јавни функции од областа на правосудството за 2020 година.