Вести Став

ДОМ: Да градиме иднина врз темелите на европските вредности

Сподели:

 

На вчерашната онлајн седница на Извршниот одбор на ДОМ во проширен состав, се дискутираше за актуелната политичка состојба, во контекст на блокирањето од страна на бугарската влада за започнување на пристапните преговори на Р.С. Македонија со ЕУ. 

Раководството едногласно го потврди ставот на ДОМ за европска иднина на нашата држава, за што има континуирана подршка од европските зелени партии, јасно искажана во заедничкото соопштение од 16.11.2020, на копретседателот на Европските Зелени, Томас Вајц, копретседателот на бугарската зелена партија, Борислав Сандов и претседателката на македонската зелена партија-ДОМ, Маја Морачанин.

“Европската зелена партија и нејзините партии членки од Бугарија и Северна Македонија силно го поддржуваат започнувањето на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија и прифаќањето на рамката за преговори со ЕУ без одлагање. Цврстата европска ориентација на Владата на Северна Македонија и демонстрираните макотрпни и на крајот успешни напори на државата за спроведување на значајни и неопходни реформи на патот кон членството, беа признати од страна на земјите членки на ЕУ во март 2020 година. ЕУ мора сега да одговори на очекувањата на граѓаните на Северна Македонија за европска иднина, со изразување почит за нивните напори и со конечно отпочнување на пристапните преговори. ЕУ е изградена врз разновидноста на нејзините членки, врз богатата културна историја на луѓето што ја сочинуваат и врз правото на секоја заедница на самоопределување и самоидентификување. Дебатите меѓу соседните земји треба да се решаваат врз билатерална основа и не треба да се користат како преговарачки токени за блокирање на процесите на ниво на ЕУ. Како што е истакнато во Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија од август 2017 година, двете страни ја поздравуваат посветеноста и аспирацијата на Република Северна Македонија за нејзиното интегрирање во европските и евро-атлантските структури. Крајно време е овие зборови да се претворат во акција.”- стои во соопштението.

Ставот на ДОМ е дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не можат да бидат предмет на преговори, што впрочем е и во согласност со меѓународните и европските стандарди. Историските прашања треба да се дискутираат и разрешуваат од страна на експертите од областа на историската наука во мешовитата историска комисија, како што и предвидува Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.  ДОМ предлага, во интерес на зголемување на довербата и подобрување на процесот, во мешовитата историска комисија да се вклучат и европски експерти кои имаат искуство во комисии од ваков карактер.

Антифашизмот е камен-темелник на македонската држава. Тој е и една од основните цивилизациски и европски вредности. Извинувањето за страдањата од фашизмот, по примерот на европските лидери, е патот кон помирување, пријателство и прогрес. Да се прости, но да не се заборави, за никогаш да не се повтори, соопштуваат од ДОМ.

Сподели: