ДОМ: Клучните приоритетите на ДОМ – дел од Програмата на новата Влада

Сподели

 

Вчера, делегација од Зелената партија ДОМ на чело со Маја Морачанин претседателка, Христа Најданов потпретседател, Огнен Апостолски член на ИО и Ервин Реџепагиќ остварија средба со новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, генералниот секретар Љупчо Николовски и премиерот Зоран Заев. На состанокот се разговараше за програмските приоритети на ДОМ кои беа прифатени да бидат составен дел од Програмата на новата Влада.

Во делот на заштитата на животната средина и климата беше договорено дека:

1.Принципите на Европскиот Зелен договор остануваат во Програмата на новата Влада.

2.Со цел забрзување на процесот на праведна транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија, во првите 100 дена новата Влада ќе изготви посебен Закон за обновливи извори на енергија во чија подготовка ќе бидат вклучени и претставници од ДОМ. Со овој закон ќе се реализира барањето на ДОМ за масовно користење на сонцето и ветерот во производството на електрична енергија. Ќе се поедностави и забрза постапката за добивање дозволи за поставување фотоволтаици и формирање енергетски кооперативи со цел граѓаните наместо само потрошувачи да станат и производители на електрична енергија. Целта е до 2025 година, 80% од производството на електрична енергија да биде од обновливи извори на енергија.

3.Имајќи предвид дека енергетските и климатските политики се тесно поврзани и во иднина ќе бидат тема од исклучителна важност, ДОМ предлага да се формира посебно Министерство за енергетика и клима.

Во текот на следната година да се донесат: Законот за индустриски емисии, Законот за климатска акција, Законот за инспекциски надзор во животната средина.

Да се измени Законот за води со цел да се спречи нелегалното ископување на песок од речните корита и уништувањето на реките.

6.Итно да се усвои Законот за прекршоци со што ќе се овозможи зголемување на казните за загадувачите за животната средина.

Да се забрани издавање дозволи за градење нови мали хидроцентрали.           

Клучен приоритет, како што информираат од ДОМ, е да се спречи понатамошното узурпирање на јавните и зелените површини, особено во урбаните средини, со цел да се обезбеди здрав и квалитетен живот на граѓаните. 

Од ДОМ бараат да се донесе нов Закон за градење

-Да се измени Законот за градежно земјиште. Постојната законска можност доколку лицето е сопственик на 30% од парцелата да може со непосредна спогодба да откупи државно градежно земјиште со цел окрупнување на парцелата е една од причините за узурпацијата на јавниот простор во урбаните средини. ДОМ предлага измени во Законот за градежно земјиште со кои процентот од 30% би се зголемил на 70%.

-Да се донесе Закон за просторно планирање.

За ДОМ од исклучителна важност е новата Влада да биде посветена на унапредување на човековите права и слободи, особено на маргинализираните групи и жените. Затоа бараме:

-Да се интензивира процесот на усогласување на законите со Истанбулската конвенција.

-Принципот на родово одговорно буџетирање конечно да биде составен дел во подготвувањето на буџетите на институциите.

-Со цел поефикасно спроведување за политиките за родова еднаквост да се формира Секретаријат за родова еднаквост.

Со цел реализирање на заложбата од Зелената програма на ДОМ за декриминализација и легализација на употребата на канабис, да се донесе Закон за легализација на употребата на канабис, согласно предлозите на граѓанските здруженија во Македонија и примерите од други држави како Малта, Германија, Канада.

Еден од клучните приоритети на ДОМ е измена на изборниот модел со цел демократизација на општеството и поправична претставеност на граѓаните во Парламентот. Оваа заложба на ДОМ има подршка и од мнозинството граѓани како и од голем број политички партии. Затоа бараме измената на изборниот модел да биде составен дел и од Програмата на новата Влада. Да се усвојат предложените измени на Изборниот законик за една изборна единица, отворени листи за локалните избори и 50% жени на листите за кандидати за пратеници и советници, соопштуваат од ДОМ.