ДПМНЕ крати 185 милиони од образованието – Има пари за НАТО, нема пари за студентите

Сподели:

Власта на ДПМНЕ ги скрати средствата за образование за 185 милиони денари. Станува збор за намалување на првично планираниот буџет на МОН со ребалансот, при што капиталните расходи се кратат за дополнителни 518 милиони денари.

Во време кога студентите едвај ги покриваат основните трошоци за живот, студентскиот стандард пропаѓа, а субвенционираниот студентски оброк со години не се усогласува со инфлацијата, власта одлучи дополнително да го осиромаши и онака недоволниот буџет за образование, реагираат од Левица.

Ова е директен удар врз студентите и младите, кои наместо подобри услови за студирање, поквалитетно образование и достоинствен студентски стандард, добиваат нови кратења и празни ветувања. Додека цените растат, а куповната моќ на студентите се намалува, ДПМНЕ покажува дека образованието не ѝ е приоритет.

Токму затоа нема пари за зголемување на студентскиот оброк! Кога треба да се обезбедат средства за студентите, одговорот е дека буџетот е ограничен – мора да се штеди токму на младите! Но затоа, има пари за НАТО, за воени расходи и за интересите на неколку богаташи.

Низ целиот свет младите се креваат против кратењето на средствата за образование и против политичарите кои сметката за сопствените грешки ја префрлаат врз граѓаните. Кај нас имаме власт која од година во година се задолжува, го уништува секојдневниот живот на граѓаните и штеди кај сите категории освен кај најбогатите. Студентите сега се на мета на оваа десничарска влада.

Држава што го осиромашува сопствениот образовен систем, ја осиромашува сопствената иднина. Пропаднат образовен систем неизбежно создава пропадната држава.

Левица преку амандмански интервенции ќе се обиде да го стопира овој расипнички ребаланс. Има пари и за младите, и за работниците, и за пензионерите – но нема политичка волја кај ДПМНЕ и нивните функционери, затоа што кратењето треба да почне од НИВНИТЕ луксузи, додаваат од партијата.

Сподели: