Драмски театар Скопје гостува на фестивалот РУТА на Бриони во Хрватска

Сподели

 

Со претставата „Мојот маж“, Драмскиот театар од Скопје денеска ќе гостува на Бриони, Хрватска, во рамките на летното издание на регионалниот театарски фестивал „РУТА“. Претставата ќе биде изведена на големата сцена на театарот „Ulysses“.

Претставата „Мојот маж“ е колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози. Режисер е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.

Во рамките на фестивалот „РУТА“, со изведбата на „Мојот маж“ Театарот гостуваше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана во 2022 година и во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ во Подгорица во април годинава каде што имаше извонреден прием од публиката.

Есенското издание на фестивалот „РУТА“ ќе се одржи во Скопје во организација на Драмскиот театар од 3 до 8 октомври. Македонската публика ќе има можност во ревијалната фестивалска недела да проследи шест претстави од водечките театри во регионот, членки на Регионалната унија на театри – РУТА.