ДС го поздравува донесувањето на Регистерот на професионални онлајн медиуми

Сподели

 

 

 

 

“Демократскиот сојуз го поздравува донесувањето на Регистерот на професионални онлајн медиуми што го промовираа Здружението на новинарите на Македонија и Советот на етика во медиумите во Македонија со поддршка на Стопанската комора, кој ќе биде достапен за јавноста од 1 јануари 2020. Уверени сме дека оваа алатка за саморегулација на медиумите ќе помогне за зајакнување на професионалното новинарство во онлајн сферата и во борбата против лажните вести од кои е загрозена нашата демократија.

Ги повикуваме онлајн медиумите – порталите за вести кои се уште не се дел од регистерот да ги почитуваат професионалните стандарди и новинарската етика и што поскоро да станат дел од овој регистер. Ги повикуваме и новинарите од другите традиционални печатени и електронски медиуми да известуваат професионално, одговорно и отчетно и да се приклучат во саморегулацискиот механизам на Советот на етика во медиумите.

Истовремено, ги повикуваме и надлежните органи да не го злоупотребуваат Регистерот на професионални онлајн медиуми со ускратување на правата на информирање и акредитација на новинарите чии медиуми се уште не се дел од регистерот и да се воздржат од поднесување тужби за навреда и клевета.

Демократскиот сојуз е уверен дека слободното и професионално новинарство е најважната алка на демократијата. Во предизборниот период што следува, улогата на медиумите е од исклучителна важност за еднаков пристап до јавноста на сите политички понуди.

Поради тоа, ги повикуваме партиите од власта и опозицијата да ја почитуваат слободата на печатот, да не вршат притисок врз новинарите при нивното известување и да се воздржат од негативна кампања со пласирање лажни вести и измислени информации за своите политички противници, користејќи го своето влијание во медиумите.

Демократскиот сојуз ги повикува партиите од власта и опозицијата во овој кус временски период што преостанува до распуштање на Собранието предвидено за 12. февруари, да демонстрираат политичка волја и да ги изгласаат составот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Програмскиот совет на Македонската Радио Телевизија кои се заглавени во собраниската комисија.

Кредибилен, професионален и независен кадровски состав на овие две тела е од исклучителна важност за професионалното известување на јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните радио и ТВ медиуми во периодот на изборите” – се наведува во соопштението на Демократскиот Сојуз.

 

denesmagazin.mk