Македонија Статуси Топ теми

Писмо за оние за кои сите зборуваме, а никој не го слуша нивниот глас

 

 

Зимава во земјава е особено мачна за луѓето. Дел поради недостатокот на сонце, дел поради еуфоријата околу прославувањата, а дел и поради очекувањата за кои сме се врзале, за кои сме се надевале дека ќе ги постигнеме токму оваа година.

Овој дел од годината е особено тежок токму за оние за кои и животот во земјава е вообичаено тежок.

Сакам да пишувам денес за за оние за кои сите многу зборуваме, но онака како ни дојде, како сме преслушнале од другите, како ни кажале комшиите, како се збори во партија, како се трачари на кафе, како се оговара на работа, како нивните бивши партнери се пожалиле, како нивните симпатии се пофалиле, како нивните некогашни другарки мислат…

Денес сакам да пишувам за самохраните мајки, во чест на жена од оваа позиција чиј живот згасна вчера. Денес пишувам за самохраните мајки зошто синоќа не спиев од потресната вест за загуба на еден млад, креативен, амбициозен живот кој престана да постои. Нема да опишувам што чувствувам кога размислувам за детето кое остана само, прво зошто е болен факт до точка на неизразливост и оргомна тага, и второ зошто сакам овој напис да биде конструктивистичка алатка за унапредување на правата на оние кои преживуваат, живите самохрани мајки кои овде преживуваат во буквална смисла на зборот.

Во овој балкански змијарник, има жени кои сами препуштени на себе бијат егзистенционални битки, при тоа носејќи со себе и деца за кои сами се грижат.

Овие жени на овие простори се најчесто перцепирани од два аспекта: или како опасност за традиционалните вредности (распуштеници, нечесни, незаслужни за живот, атак за фамилијарните вредности, лоши мајки, непожелни партнерки), или како рѓава последна алка во синџиорот на исхрана во нашава урбана џунгла (институционалното непрепознавање на оваа посебна целна група).

Првичното видување, како опасност, најчесто е перцепцијата на друштвената заедница, во случаи кога жената самохрана мајка, не е во очај и упорно се бори со сите препреки кои овде, за жена во позиција на самохраност бликаат како непресушни извори.

Второто видување, како рѓава последна алка на синџирот на исхрана во урбанава џунгла, е општественото, институционално видување на самохраната мајка која ги изразува своите незадоволени потреби во однос на непостоење на услови за нормално функционирање.

На кого не му одговара, овозможувачка средина за жените самохрани мајки и нивните деца, нека е клучното прашање на донесувачите на одлуки, за празнициве, пред да си легнат, ако воопшто можат мирно да спијат имајќи го сето ова во предвид.

Според деск анализата која ја направивме, националните и локалните буџети, не предвидуваат средства за самохраниот родители, ниту пак за децата од еднородителски семејства. Ова е одговорот на сите следни прашања, непостоењето на политичка волја изразено преку ненасочување на средства кон овие семејства.

Зошто нема и не постојат соодветни мерки насочени кон самохраните мајки и нивните деца? Зошто не постојат политики кои се однесуваат на нивна заштита?
Приоритетно вработување, приоритетно згрижување на нивните деца во градинки?
Зошто нема државен месечен семеен додаток, не за социјално загрозени, туку баш за самохрани родители?
Зошто нема детски додаток од државта за децата во чии изводи фигурира само еден родител, во какви случаи државата е втор старател на овие деца?
Зошто нема даночни ослободувања за самохрани родители?
Зошто нема специјализиран ресурсен центар за услуги кон самохрани родители, од типот на психотерапевтска поддршка, правна помош, едукација и зајакнување?
Зошто нема дневен центар за згрижување на децата на самохрани родители?
Зошто никој не се нафаќа да го реши проблемот со вдомување на овие жени и деца?
Зошто нема никакви бенефиции, кои сите нормални земји во светот ги имаат?

Она кое можевме да го видиме низ социјалните мрежи, по објавување на веста за смртта на жената која мочаше наспроти ветрот, сѐ додека не се умори и замина, во најмала рака е општо жалење. Сите се во тага, сите ја жалат неа и го жалат девојчето кое остана само. Солзи и писма за збогување на сите страни.

Не, не им треба на овие жени да ги жалите кога линијата на животот ќе ја снема.

Луѓе, од вас им треба поддршка, им треба особено внимание, им треба вашата човечка рака да им ја подадете додека се меѓу живите, им треба убав збор, им треба да ги ислушате понекогаш, им треба да не ги осудувате, им треба да им ги прифатите децата и нив самите, онакви какви што се, им треба разбирање, љубов и емпатија.

Донесувачи на одлуки, претседателе, градоначалници, власти, од вас им требаат застапувања за вработувања според квалификациите, државни мерки за поддршка, им требаат државни функционални апарати, им требаат застапувања за буџетски насочувања кон нивните семејства и тоа токму од пратениците и пратеничките и експертската фела од овие области.

Отиде еден млад живот, игрив и полетен, отиде од другата страна од која нема назад. Остана сам на светот еден уште помлад и неостварен живот, без да има сѐ што имаше и му даваше една мајка, сонувања, вредности, патувања, приказни, фенери во мракот, бајки за живеење и раскажување, енормна љубов кон животот и уметноста на живеењето.

Желбите за наоѓање на мир, насочете ги кон оваа мајка самовила и нејзиното дете.

Самохрани мајки, останете со нас, бидете меѓу нас.
Ве сакаме, ве прифаќаме, вие сте еден неизоставен сегмент од ова општество кое не е совршено, но можеби токму вие ќе ни бидете пример какви треба да станеме. Можеби токму преку вас, преку овозможување на услови за нормално да можете да функционирате, ќе стануваме почовечни сите ние. Не се откажувајте, побарајте поддршка. Не се откажувајте, продолжете да артикулирате што ви треба. Не се откажувајте, плачете, врескајте, ќе паѓате пак и пак, но секогаш станувајте, а ние сакаме да знаете дека еве учиме, да бидеме тука и за вас.

И простете ни, не знаеме како ви е.
Не знаеме како е сам да легнуваш и сам да се будиш, во ден низ кој сам хендлаш дете, кариера, домаќинство, пари и финансии, материјални ресурси, емотивни пребивања, родителство, домашни задачи, училишни проблеми, љубовни јадови, социјални активности, духовни растења, малодушности, осуди, дискриминации, стигматизирања, шовинизам и сами си знаете уште што не. Но, спремни сме да ве слушнеме и поддржиме.

Со љубов,
за магијата која ја донесе на овој свет, самовилската девојка Милијана.
И за сите самохрани мајки.

(Писмо од самохрана мајка)

 

denesmagazin.mk

Сподели: