Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети одржа седница на Претседателството на Генералниот совет, односно на Централното претседателство на ДУИ, на која се дискутираше за актуелните политички случувања во земјата, како и за зајакнување на структурните и организациските капацитети во рамките на Демократската унија за интеграција.
Посебен фокус во дискусијата беше ставен и на одлуката на Специјализираните совети на Косово во Хаг од 16 септември 2026 година.

“Во овие моменти, кога вниманието на Албанците е насочено кон Хаг и кон одлуката во однос на припадниците на ОВК, важно е да се потсетиме како започна овој процес, врз какви тврдења беше заснован и што остана од нив по сите овие години.
Процесот што доведе до формирањето на Специјализираните совети доби поттик од извештајот на Дик Марти и од тешките тврдења за трговија со човечки органи. Но, по сите овие години истраги и судски процес, ниту едно од тие тврдења, поради кои беше формиран овој суд, не беше докажано, а во недостиг на факти беше конструиран процес против Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Сељими.
Војната на ОВК беше војна за ослободување и слобода на Косово. Историјата на оваа војна и жртвата на еден народ за слобода не можат да бидат судени преку конструиран судски процес.
Протестите организирани по објавувањето на пресудата претставуваат легитимна форма на граѓанско изразување во едно демократско општество. Не постои демократска држава во светот, ниту демократски устав, што го забранува правото на протест. Граѓаните имаат право своите ставови и незадоволство да ги изразуваат преку мирни и ненасилни протести.
Да не дозволиме историјата на ослободителната војна на Косово да биде искривена”, оцени Централното претседателство на ДУИ.


