Вести Наука и Технологија Свет Ударни вести

DW: По автоконцерните, на маки и врвниот саем за автомобили во Германија

Сподели:

Настапот на Франкфуртскиот саем на автомобили уште претходно го откажаа Нисан, Пежо, Мицубиши, Волво… А сега од изложување во Франкфурт се откажа и Тесла. Во што е проблемот?

Како што јавуваат германските медиуми, американскиот производител на автомобили на електричен погон Тесла нема да дојде на саемот за автомобили во Франкфурт  (ИАА) од 14 до 24 септември. „Ние го проценуваме секој настап, со цел да најдеме најдобар начин да комуницираме со нашите клиенти“, изјавија од Тесла. Оттаму се предупредува и дека овој производител „не е фиксиран“ на класични манифестации во автомобилскиот сектор, пренесува Дојче веле.

Иако звучи како трезвена проценка, тоа е тежок удар за германскиот автомобилски саем кој по 67. пат го организира Здружението на германската автомобилска индустрија (ВДА). Бидејќи, настапот веќе го откажа и францускиот концерн ПСА, нема да дојде ни Фиат-Крајслер групата, а откажаа и Нисан, Мицубиши и Волво. Дури и Ауди овојпат не нарача сопствен изложбен простор, туку послушно ќе се смести во халата на матичниот концерн Фолксваген.

Здружението ВДА е уверено оти Тесла повторно ќе дојде во Франкфурт, а нагласуваат дека и онака ќе има над 50 автомобилски брендови, меѓу кои и млади кинески производители. Тесла не настапи ни на саемот во Њујорк, но токму поради скандалот со дизел-возилата во Германија изгледа оти за Тесла тоа би била одлична можност за уште подобра продажба на германскиот пазар.

За волја на вистината, нарачки за новиот модел Тесла 3 има доволно и на сопственикот Елон Маск може му изгледа дека не му е потребен настап на овој саем. Но во целата автомобилска индустрија не е никаква тајна оти сите производители на автомобили добро проверуваат дали воопшто им треба настап на тој саем. Како што јавува „Билд“, причини има многу: настапот на саеми е и онака премногу скап, а и значењето на настапите на саеми веќе не е како што беше порано. Така и излагачите едвај и нудат некои новитети, бидејќи главна платформа е интернетот. А згора на тоа, ИАА го „покрива“ презаситениот европски пазар каде производителите и онака се борат за купувачи со попусти и посебни понуди. „Вистинскиот“ бизнис лежи во земјите како Кина, Индија, дури и во САД.

Менаџерот задолжен за саеми на Здружението на германски производители на автомобили, Клаус Бројнинг, не негира ништо од тоа.Тој, исто така знае и оти на тоа Здружение му е нарушен угледот со обвинувањата за создавање картел: „Со оглед на вестите од изминатите недели, немаме баш најубава заднина“, признава Бројнинг. Но и додава: „ИАА беше и останува саем кој е водечки на темата мобилност. Кон Франкфурт гледаат и други саеми како оние во Детроит и во Шангај.“

Бројнинг вели дека „се навикнале излагачите да пропуштаат по некој саем на ИАА, но потоа повторно доаѓаат“. Затоа и понатаму подготвуваат цела низа тематски целини и уверен е дека „ИАА и овојпат ќе биде успешен“. Но има други показатели: трендот во автомобилската индустрија оди повеќе во насока на потполно поинакво опкружување. Така и за производителите на автомобили се се’ поважни саемите како оние за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас, Њујорк Фешн вик или дури саемите за мебел на северот на Италија. Автомобилите таму се само украс, но во средина во која сакаат да припаѓаат – визионерски или само модерно.

DW.COM

Сподели: