ЕБОР ќе го поттикне пристапот на Северна Македонија кон ЕУ

Сподели

 

Меморандумот за разбирање е насочен кон поддршка преку инвестиции и техничка помош

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) нуди круцијална поддршка во критичен момент преку денешното потпишување на Меморандумот за разбирање со Владата на Северна Македонија, со кој ќе се поттикне пристапот на земјата кон Европската Унија (ЕУ).

Документот беше потпишан на виртуелната церемонија од страна на Претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо и Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Претседателката на ЕБОР Рено-Басо го поздрави потпишувањето изјавувајќи: “Охрабрени сме од чекорите кои Северна Македонија ги прави во нејзиното пристапување кон ЕУ, и ни претставува задоволство да ги поддржиме овие витални напори со нашиот придонес. Во овие времиња кои бараат поголем ангажман, поважно од било кога е со заеднички сили, не само да се справиме со моменталните предизвици, туку и да ги согледаме долгорочните цели на земјата.”

Во Меморандумот за разбирање, Банката изразува поддршка во сет мерки на политички ангажман, техничка помош и инвестиции, со цел да го задржи моментумот на приближување на земјата кон ЕУ.

Соработката помеѓу Северна Македонија и ЕБОР ќе се фокусира на три области: зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст, на одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност и зајакнување на инвестициската клима и управување.

Владата ќе ги дефинира реформските области, инвестициските можности и ќе промовира активности од овој меморандум. ЕБОР ќе го поддржи развојот на домашните компании, преку финансирање и долгорочни советодавни услуги, зајакнување на конкурентноста преку поголем пристап до финансии и поддршка кон економската инклузивност, младите и оние од подалечните региони.

Банката ќе помогне во активностите на завршување на клучната транспортна инфраструктура, ќе промовира одржлива инфраструктура и поддршка на разновидна енергетска поддршка, со цел да се зајакне улогата на обновливите извори на енергија.

Владата на Северна Македонија и ЕБОР ќе соработуваат и во подобрување на инвестициската клима, промовирање на меѓуграничната трговија и инвестиции, како и соработка со претпријатијата во државна сопственост во енергија и инфраструктура, со цел да се подобри нивното корпоративно владеење.

ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над €2 милијарди во 136 проекти во земјата. Банката се фокусира во поддршка на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари, особено во интензивирање на соработката со клучните партнери како што е Европската Унија и Европската Инвестициона Банка.