Министерот за односи меѓу заедниците, Агрон Ферати, ја истакна важноста од зајакнувањето на односите меѓу етничките заедници, унапредувањето на интеркултурните политики и градењето општество засновано врз еднаквост, меѓусебна почит и соработка, обраќајќи се на консултативната средба посветена на изработката на новата Национална стратегија за интеркултурализам и социјална кохезија 2027–2032.

“Оваа стратегија има за цел да ги утврди насоките и приоритетите што ќе ги водат нашите политики во областа на меѓузаедничките односи во наредните пет години. Таа претставува значајна заложба на нашата Влада за градење одржливи односи меѓу етничките заедници, засновани на меѓусебна почит и толеранција.
Интеркултурализмот и социјалната кохезија се суштински предуслови за демократски развој, институционална и општествена стабилност, како и за унапредување на европската перспектива на земјата. Во таа насока, останува приоритет да се гарантираат еднаквоста, правичната и соодветната застапеност, како и заштитата на правата на сите етнички заедници во РС Македонија.
Нашата визија е изградба на еднаква држава, во која етничките, верските и социјалните разлики претставуваат богатство и додадена вредност за општеството. За таа цел, треба да го надминеме моделот на формален соживот и да создадеме култура на активно меѓусебно поврзување, соработка и заедничка одговорност.
Ова бара политики што гарантираат не само еднакви можности, туку и правичен пристап до јавните институции, квалитетни услуги и застапеност заснована врз компетентност и професионализам. Нашата реформска агенда се темели на владеењето на правото, ефикасни институции и подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.
Во таа насока, стратегијата треба да служи како конкретен инструмент за унапредување на интеркултурните политики, зајакнување на општествената кохезија и создавање заеднички простори во кои граѓаните, без оглед на нивната припадност, ќе можат да комуницираат, да соработуваат и да придонесуваат за развојот на земјата.
Вклучувањето на сите релевантни чинители во овој процес е од суштинско значење за квалитетот и одржливоста на документот. Вашата експертиза, искуство и предлози ќе претставуваат значаен придонес во создавањето стратегија што ги одразува реалните потреби на општеството и создава основа за широк институционален и општествен консензус.
Стратегијата и акцискиот план треба да бидат усогласени со националните приоритети, институционалните обврски и европските стандарди. Поради тоа, очекувам овој процес да резултира со конкретни мерки и активности, засновани врз стручни анализи и јасно дефинирани цели.
Изразувам благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за континуираната поддршка и ангажманот на експертскиот тим во овој процес”, изјави министерот за односи меѓу заедниците, Агрон Ферати.


