“Извештајот за 2026 година констатира добро ниво на подготвеност и сериозен напредок во Поглавјето 31, како и задржана целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Европската комисија оценува дека ваквата усогласеност испраќа силен сигнал за нашиот стратешки избор за членство во Унијата и ја потврдува државата како доверлив партнер. Воедно, нотира дека препораките од минатата година се во голема мера спроведени и дека продолжува активниот политички дијалог со ЕУ за надворешни и безбедносни прашања.
Високо ниво на подготвеност е констатирано и во Поглавјето 30 – „Надворешни односи“, со тесно усогласување со трговската политика на ЕУ и активен придонес во регионалната економска соработка.
Позитивно се оценети и зголемената одбранбена подготвеност, поддршката за Украина, како и активниот ангажман во Обединетите нации, Советот на Европа и ОБСЕ.
Овие оценки се уште една потврда за јасната надворешнополитичка ориентација на државата, нејзината кредибилност како партнер на Европската Унија и доследната определба за полноправно членство во Унијата”, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.


