Во рамки на MOVEMBER 2026 – месецот посветен на подигнување на свеста за машкото здравје, во просториите на Општина Карпош се одржа панел-дискусија на тема „Од превенција до отворен разговор“, со една важна порака: грижата за здравјето треба да започне пред појавата на првите симптоми.
Настанот се реализираше во рамки на Годишната програма за еднакви можности на жените и мажите на Општина Карпош, со цел да се поттикне поголема информираност за здравствените потреби и предизвици со кои се соочуваат мажите, но и да се охрабрат на поголема грижа за сопственото здравје.

На панел-дискусијата присуствуваше градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и министерот за здравство, Сашо Клековски, а својата експертиза и професионални искуства ги споделија еминентни медицински стручњаци: проф. д-р Ристо Симеонов – детски хирург, доц. д-р Виктор Станков – уролог, проф. д-р Игор Стојковски – онколог, асист. д-р Камелија Симеонова – психијатар, м-р д-р Верица Малинкова Димовска – психијатар и проф. д-р Дева Петрова – онколог.

Посебен акцент беше ставен на значењето на редовните здравствени и уролошки прегледи, раното откривање и превенцијата на уролошките и онколошките заболувања. Грижата за машкото здравје не треба да биде поврзана само со возраста или со појавата на здравствени проблеми, туку да претставува континуирана навика во секоја животна фаза.
Еднакво значајна тема беше и менталното здравје. Беше потенцирана потребата од рушење на стереотипите и стигмата што сè уште ги спречуваат мажите отворено да зборуваат за своите психички и емоционални предизвици. Признавањето дека ни е потребна помош не е слабост, туку храброст и одговорност кон себе и своите најблиски.
Преку примери од професионалната практика, анонимизирани случаи и непосредна комуникација со присутните, панелистите отворија значајни прашања и понудија стручни насоки, совети и препораки. Присутните имаа можност активно да се вклучат во дискусијата и директно да ги споделат своите прашања и дилеми.
Пораката од денешниот настан е јасна: не чекајте здравствениот проблем да се појави за да побарате решение. Редовните прегледи, навремената превенција, грижата за менталното здравје и отворениот разговор се темел на поквалитетен и поздрав живот.


