За денешната акција во рамки на истрага за финансиски криминал објави министерот за здравство, Сашо Клековски, кој кажа дека операции на очи биле наплаќани двапати – еднаш од Фондот за здравствено осигурување, а вторпат од самите пациенти. Ова е една од најмасовните неправилности откриени во рамки на истрагата за финансиски злоупотреби во здравството, за која денеска Министерството за внатрешни работи спроведува претреси на повеќе локации низ државата, изјави министерот Сашо Клековски.
Клековски изјави дека во случајот се опфатени три лица од Фондот за здравствено осигурување и две лица од приватна здравствена установа. Станува збор за здравствена установа која повеќепати правела прекршоци, но за нив не била соодветно санкционирана. Тој посочи дека лично побарал да се покрене истрага за да се прекине ланецот на неказнивост.
„Значи, не е еднаш, двапати, трипати, туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не била соодветно казнувана. Јас предложив на Комисијата за прекршоци, и таа прифати, да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост и побарав да се покрене истрага“, изјави Клековски.
Тој додаде дека во истрагата, покрај МВР и Секторот за контрола на Фондот, биле вклучени и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за лекови и други надлежни институции. Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вршат претреси на повеќе локации, во координација со надлежен јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според неофицијални информации, штетата на Буџетот од шемата на оваа приватна здравствена установа е над 1,5 милиони евра, а противправната стекната материјална корист за болницата се проценува на околу 4 милиони евра.


