Флорида и Порторико прогласија вонредна состојба

Сподели

 

Ураганот Ирма, кој се движи кон Карибите и кон јужниот брег на САД, прерасна во четврта категорија, поради што властите во Флорида и Порторико прогласија вонредна состојба, јавува Anadolu Agency (AA).

Поради јакнењето на бурата, Американскиот национален центар за урагани издаде предупредување за подрачјето на Западноиндските острови, вклучувајќи и делови Заветрените Острови, Британските и Американските Девствени острови и Порторико.

Властите предупредуваат дека бурата би можела да донесе големи количини врнежи, што би можело да предизвика поплави и лизгање на земјиштето.

Ураганот од четврта категориија од вкупно пет, според Сафир-Симпсоновата скала, подразбира ветер со брзина до 251 километар на час со катастрофален исход.

Националниот центар за урагани на САД очекува Ирма до викендот да стигне до јужна Флорида, но напоменува дека е премногу рано да се предвиди траекторијата на бурата или последиците од неа.

Гуверенерот на Флорида, Рик Скот, прогласи вонредна состојба во 67 окрузи на таа, четврта по големина американска сојузна држава, истакнувајќи дека станува збор за бура опасна по животот.

„Ние, во Флорида, секогаш сме подготвени за најлошото, а се надеваме на најдоброто. Иако точната траекторија на бурата во овој момент не е позната, не смееме да дозволиме да бидеме неподготвени“, рече Скот.

И гувернерот на Порторико, Рикардо Росело, вчера прогласи вонредна состојба и ја активираше Националната гарда во рамките на подготовките за доаѓањето на ураганот.

Ирма би можела да биде втор силен ураган кој ќе го погоди брегот на САД, откако минатата недела ураганот Харви ја погоди сојузната држава Тексас и предизвика огромна штета во Хјустон, четвртиот по големина град во САД, земајќи десетици животи.