ФРОДЕМ: Патриот и вмровец не ги жртвува своите сопартијци

Сподели

„Фронтот за Демократска Македонија – ФРОДЕМ со внимание ја следи обвинителско-судската разврска со случувањата од 27 април оваа година. Наместо партиската врхушка и лидерот на ДПМНЕ да и се извинат на македонската јавност за случувањата од 27 април 2017 година и да соберат храброст да го понесат сопствениот дел од одговорноста, тие продолжуваат со гнасните манипулации со сопственото членство, со роднините и пријателите на обвинетите и уапсените.

Лакомите одработувачи на туѓите интереси и планови долго време ќе жалат и патат за своето слугување, додека нивните налогодаваци и понатаму комотно ќе седат во својот топол дом и ќе ги храбрат да издржат во име на некои ,,повисоки” интереси. Колку повиско на чело на вршушката толку „повисок” и поголем интерес.

Оваа суровост и бесрамност која извира од однесувањето на партиската врхушка ниту е демохристијанска, ниту е патриотска, а најмалку е човечка.

Ги повикуваме и оној мал број на членови и симпатизери кои за жал се уште веруваат во „храброста и чесноста” на нивниот лидер наместо да протестираат и со блокадите на сообраќајниците да ги малтретираат граѓаните на град Скопје, да го реметат редот и мирот, да побараат одговор на две прашања од нивниот вожд:

Прво, да им одговори кој е налудничавиот мозок кој го смислил крвавиот четврток, кој е нарачател и кој е финансиер на настаните од 27 април и

Второ, како и по која цена тој и ДПМНЕ ќе го поддржат З. Заев во преговорите со Грција за промена на нашето име?

Господа малкумина останати поддржувачи! Вашиот уплашен вожд никогаш не бил патриот, а најмалку вмровец. Патриот и вмровец повеќе ја сака својата држава и народ отколку личниот интерес. Патриот и вистински вмровец не ги жртвува своите сопартијци и соработници. Се додека вашиот „вожд“ ги користи услугите на бајачката и бледо гледа во стаклената топка и се мисли како и по којзнае кој пат да ви „забае“ и да ве „замае“ дотогаш Вие поданиците непотребно ќе го носите тешкиот туѓ товар, како во душата така и на рамењата. За туѓи бели дворови ќе си ги ископате сопствените гробови“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.