Големо невреме го зафати попладнево Скопје

Сподели

 

Невреме со силен ветар, град, дожд и грмотевици попладнево го зафати Скопје околу 17 часот. Паднати дрвја и билборди, оштетени покриви, поплавени улици и објекти веќе се пријавуваат од граѓани на социјалните мрежи во општините Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Бутел.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека граѓаните на телефонскиот број 112 пријавуваат паднати дрва, откорнати кровови на згради заглавени возила и поплавени простории.

„Дојавите на најбрз начин се пренесуваат до надлежните служби на нивна понатамошна реализација во рамките на своите можности“, информираат од Центарот за управување со кризи.

На улица Киро Крстевски бр. 3 во општина Кисела Вода пријавено е дека покрив на зграда на пет ката е оштетен. За ова се известени надлежните од општината и противпожарната служба.

Градоначалничката Данела Арсовска свика итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје.