Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во вечерашното гостување во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, најави дека во наредните десетина дена започнуваат градежните активности за поврзување на подземната сообраќајница под „Лимак“ со булеварот „Македонија“, како и изградбата на кружни текови на влезот и излезот од оваа клучна сообраќајница за главниот град.
„Во наредните десетина дена започнуваме со втората фаза, односно со изградба на тунелите за поврзување со подземната сообраќајница под ‘Лимак’, во правец од Центар кон Кисела Вода“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
“Пуштањето во употреба на подземниот булевар „Македонија“ под „Лимак“ е инвестиција која ќе донесе вистински пресврт во централното градско подрачје, ќе придонесе за значително растоварување на сообраќајниот метеж и ќе овозможи побрзо, побезбедно и пофункционално движење низ центарот на градот.
Градот Скопје во изминатиот период, со интензивна работа, ја комплетираше првата фаза од овој проект, која опфати проширување, адаптирање и подготовка на улиците што ќе ја примат очекуваната зголемена фреквенција на сообраќај кон подземната сообраќајница”, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.


