Готемилер: Косово не може да има армија без уставни измени

Сподели

Заменик генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемилер, која ја предводи делегацијата на Алијансата, на средбата во Приштина му порача на косовскиот претседател Хашим Тачи дека трансформацијата на Безбедносните сили на Косовo во армија може да се случи единствено по измени во Уставот, пренесува Алсат-М.

– Готемилер му ги уништи надежите на претседателот Хашим Тачи. Таа категорично стави до знаење дека нема трансформација на Безбедносните сили на Косовo во војска без уставни измени и не остави ни најмал простор тоа да се направи според законот кој го предлага Тачи, изјави неименуван извор.

Тој потсетува дека уставните измени по ова прашање може да се донесат со двотретинско мнозинство во Парламентот, што власта не може да го обезбеди, а тука и согласноста на пратениците на Српска листа.

На средбата Тачи – Готемилер прусуствувале и американскиот и британскиот амбасадор во Косово, косовскиот вице премиер Далибор Јевтиќ, како и Авни Арифи, советник на премиерот Рамуш Харадинај и Беким Чолаку, советник на Тачи.

Делегацијата на НАТО, пред средбата со претседателот Тачи, во седиштето на КФОР во Приштина имаше средба со командантот на КФОР, Џовани Фунгo.

Готемилер имаше средби и со лидерите на меѓународните организации на УНМИК, ЕУ, ЕУЛЕКС и ОБСЕ со кои разговараше за важноста за стабилноста во регионот.
Во Косово распоредени се околу пет илјади прпадници на НАТО.