Грција затворена за македонските државјани до 14. мај

Сподели

 

Одлуката на грчката Влада за привремено затворање на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, е продолжена до 14 мај 2021 година, што значи Грција и понатаму останува затворен за македонските државјани, јави дописничката на МИА од Атина.

Претходната одлука беше издадена во понеделникот, а во Службен весник на Грција, веќе е објавена и новата што стапува во сила на 3 мај и ќе важи до 14 мај 2021 година до 6 часот наутро по локално време.

Според најавите од Грција од изминатиот период, како што веќе објави МИА, се очекува за две седмици да бидат отворени копнените граници на Грција и да се укинат ограничувањата, а патувањето да биде или со негативен тест за Ковид-19 или со сертификат за вакцинација.

Засега, овие правила важат за 11 трети земји, како и за државјаните на земјите членки на ЕУ и Шенген зоната, кои согласно претходните одлуки се исклучок од забраната за влез и се ослободени од задолжителниот карантин.

Во сила, и понатаму е и новото правило воведено минатата седмица, според кое, задолжителниот ПЦР тест за влез во Грција важи и за деца кои наполниле пет години.

За граничниот премин Евзони (Богородица) од Северна Македонија, како и Какавиас од Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена.

За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а исто како и за останатите патници за кои е дозволен влез, така и на возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.

Забраната за влез во земјата не важи за лица со неопходни професионални или медицински причини, за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и ЕУЛЕКС на Косово.

Исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

Границите на Грција за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани се затворени речиси 15 месеци, откако лани, за време на првиот карантин во март, беше воведена одлуката, а оттогаш континуирано се продолжува.