Вести Свет Ударни вести

Гутереш: Светот јасно забележува дека Студената војна се врати на сцена

Сподели:

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изјави оти верува дека светот поминува низ нова Студена војна, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Сметам дека светот јасно забележува оти Студената војна се врати на сцена. Меѓутоа постои разлика меѓу ова на коешто сме сведоци и Студената војна од минатото“, изјави Гутереш во интервју за шведската телевизија SVT.

Истакнувајќи дека САД и Руската Федерација денес не контролираат сè, што беше случај во минатото, Гутереш изјави дека на сцената постојат и други активни актери како што се Турција, Иран и Саудиска Арабија.

„Јасно е дека денес не постојат два хомогени и добро контролирани блока“, изјави Гутереш и додаде друга разлика е тоа што денес не постојат механизмите за дијалог, коишто во периодот на минатата Студена војна служеа како контролиран механизам за спречување на ескалацијата на судирите.

Гутереш, исто така, изрази задоволство од фактот дека ситуацијата се смирила по минатомесечните случувања во Сирија.

„Се надевам дека ќе биде можно да се најде консензус минатонеделните тензии да не се повторат“, заклучи Гутереш.

Силите на Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија и Франција минатата година извршија ракетни напади во Сирија без одобрување на Советот за безбедност. Тие земји нападот го извршија како одговор на употребата на хемиско оружје во Дума, а Русија тој чин го нарече агресија врз суверена Сирија.

Сподели: