ИБРАХИМОВИЌ ОД ДЕНЕС ОФИЦИЈАЛНО ВО МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Сподели

ibra_united

Од денес официјално Златан Ибрахимовиќ е нов член на англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед.

Шведскиот интернационалец денеска и официјално е преставен како нов член на тимот од „Олд Трафорд“ кој побрза да го промовира своето ново, големо засилување на официјалната интернет страна на клубот.

– Пресреќен сум што доаѓам во Манчестер јунајтед. Со нетрпение чекам повторно да работам со Жозе Мурињо. Тој е фантастичен менаџер и подготвен сум за овој нов и возбудлив предизвик – изјави Ибрахимовиќ.

И новиот менаџер на Манчестер, Жозе Мурињо, кој работеше една сезона заедно со Ибрахимовиќ во италијански Интер, не штедеше пофални зборови за Швеѓанецот.

– Не е потребно посебно претставување на Златан. Тој е еден од најдобрите напаѓачи во светот и играч кој секогаш дава 100 отсто. Ги има освоено најсилните лиги во светот и сега има шанса да игра во најдобрата лига. Свесен е за можноста која ќе ја има и верувам дека ќе работи напорно да му помогне на тимот да освојува титули – изјави Португалецот Мурињо.

Ибрахимовиќ по три сезони минати во францускиот фудбал како член на ПСЖ освои дури седум трофеи, но не успеа со „светците“ да го освои најпрестижниот трофеј – во Лигата на шампиони.