Алтернатива Настани

ИЛИ-ИЛИ: Промоција на „Приказни од облаци“ од Кристина Тот

Сподели:

 

17 јуни, во БУКВА со почеток од 20 часот – Промоција на „Приказни од облаци“ од Кристина Тот

Познатата унгарска писателка, Кристина Тот, повторно е во нашиот град. Поводот е убав, по промоциите на прозните книги „Пиксел“ и „Аквариум“ во оваа прилика ќе ја промовираме нејзината прекрасна книга за деца (но не само за деца) „Приказни од облаците“, во превод од унгарски на Златко Панзов.
 
Промоторки: Калина Малеска и Николина Андова Шопова.
 
Книгата ја сочинуваат пет извонредни и поучни приказни: „Приказна за лилјакот што сакаше да биде птица“, „Малото рипче што си ја загуби перката“, „Приказна за меурчињата“, „Кралот на белоушките“ и „Чичкото што имаше речиси сто години“.
 
Книгата е илустрирана со прекрасните илустрации на Бибор Тимко.
Овие приказни нè поттикнуваат да ја зачуваме нашата љубопитност, будноста и чувствителноста на малите деца кои го откриваат и освојуваат светот, а тоа се вештини што често ги губиме со текот на времето, со нашето раснење.
 
Авторката пишува смело за скриени, неизговорени табуа, ги воведува во светот на децата со приказни што одат по тенката линија помеѓу бајките и реалноста, но кои ни кажуваат за важни фрагменти, настани или личности од реалноста. Така, можеме да погледнеме во фрижидерот каде што најмалиот снежен човек на светот може да најде засолниште во текот на летото, можеме да ги слушнеме желбите на повредената златна рипка и малиот лилјак што сакаше да биде птица, мудроста на змиите, звукот на меурчиња и да учиме од мислите на чичкото кој има речиси 100 години.
Целта на овие кратки приказни е да го прошират знаењето на малите деца за светот и да им дадат можност да размислат за истиот. Да размислуваат за уникатноста на сите суштества во светот – дури и за самите себеси и другите околу нив – и убавината на животот, и покрај нејзината кревкост. Овие бајки доловуваат длабочини и височини, безвременски и минливи, радост и тага, и го гледаат светот како целина и како чудо во кое е вредно да се живее.
Кристина Тот (1967, Будимпешта) студирала унгарска книжевност. Има добиено неколку награди и нејзината поезија и проза се преведени на повеќе јазици. Живеее во Будимпешта и освен што се занимава со пишување и преведување од француски јазик, дизајнира и витражи. Позначајни нејзини дела се: „Есенското палто се бранува“ (1989, поезија), „Нишката на разговорот“ (1994, поезија), „Лондонските мечиња“ (2003, песни за деца), „Баркод“ (2006, кратки раскази), „Висока топка“ (2009, поезија), „Пиксел“ (2011, роман) и „Аквариум“ (2013, роман). Книгата за деца „Приказни од облаци“ е објавена во 2017.
 
Објавувањето на детската книга „Приказни од облаци“ од Кристина Тот е дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
 
ПРИКАЗНИ ОД ОБЛАЦИ, Кристина Тот
илустрации: Бибор Тимко
превод од унгарски: Златко Панзов
јазична редакција: Анамарија Цинеге Панзова
лектура: Виолета Караџовска Стојанова
графички дизајн: Марија Смилевска
Едиција: И ете приказна
ИЛИ-ИЛИ, 2021
Сподели: