Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Иницијатива за поставување спомен-обележје за загинатите кај Вејце

Сподели:

 

Министерството за одбрана иницира поставување спомен-обележје во чест на загинатите припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија во масакрот кај селото Вејце, Тетовско. Иницијативата е адресирана до градоначалникот на Тетово, Билал Касами, како и до претседателот на Советот на Општина Тетово, Бесар Дурмиши.

„Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија, кои своите животи ги загубија во масакрот кај Вејце, поднесувам иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата, Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје“, се наведува во иницијативата потпишана од министерката за одбрана Славјанка Петровска, која министерката ја објави на својот официјален фб профил.

Во иницијативата пишува дека Министерството за одбрана е подготвено да ја спроведе постапката и да ги сноси трошоците за проектирање и изведба на ова спомен-обележје.

Република Северна Македонија, се вели во документот, е држава која во минатото се соочувала со предизвици поврзани со нејзиното опстојување и зачувување на мирот и стабилноста. Денес Македонија е позитивен пример за држава во која со почитта помеѓу различните етничките заедници и религии ја гради иднината за своите идни поколенија. Во годините кои поминаа, се додава во писмото, многу настани оставија белег во нашата државност. За жал, се случија и настани во кои загинаа припадници на македонската Армија и полицијата кои ја бранеа државата. Но, овие настани, не треба и не смее да нè разделуваат, напротив, тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат, се вели во писмото од министерката Петровска.
 

„На 28 април 2001 година, во вооружен конфликт во близина на село Вејце, бранејќи ја државата, животот го загубија припадници на македонската Армија и полиција и нивните семејства живеат во вечна тага за нивната загуба, но и тага дека на местото на загинувањето нема спомен-обележје со кое достојно ќе им се оддаде почит и признание“, ја образложува Петровска својата иницијатива.

Сподели: