ИРСКА: ШТО ПОСЛЕ БРЕКСИТ?

Сподели

 

Ирскиот министер за финансии Мајкл Нунан изјави дека Република Ирска ќе претрпи штета од британското напуштање на ЕУ, затоа што домашната економија ке загуби околу 40 илјади работни места.

Министерот Нунан во разговор за британската телевизија Скај , предупреди на „бројните тешкотии“ што ќе настанат со оваа операција, а посебно тешко ќе биде, кога ќе дојде време да се преговара за пост-Брегзит договорот за трговија со Велика Британија.

-Сигурно е само дека тие преговори со Британците ќе бидат долги и тешки, рече Нунан за Скај.

Изјавата на ирскиот министер доаѓа по излагањето на британскиот премиер Тереза Меј на економскиот форум во Давос, во кој таа рече дека веќе разговарала со политичките лидери од многу земји околу договорите за трговија што ќе ги прави Велика Британија по Брегзит.

 

Според ирските медиуми, станува збор за Австралија, Нов Зеланд и Индија, кои се членки на Комонвелтот, како и Кина, Бразил и земјите од Персискиот Залив.

Австралискиот министер за финансии Матијас Кроман, претходно, потврди дека имало „прелиминарни разговори“ додека новозеланскиот премиер Бил Инглиш смета оти трговските разговори може да почнат „што е можно побрзо“ но Велика Британија не може да преговара со никого и да прави договори за трговија, се додека целосно не излезе од ЕУ.

Тоа би можело да се случи по постигнување на договорот за раздружување меѓу Брисел и Лондон, што би требало да произлезе од преговорите за Брегзит, што треба да почнат на почетокот од април и да траат најмалку две години.