Изборна Абракадабра! – Сашо ОРДАНОСКИ

Сподели

Човек да добие впечаток дека, наместо во изборната кампања, вистинската политика сè уште се одвива зад затворените врати на преговорите за реформа на Обвинителството и за статусот и опсегот за работа на СЈО, збогатени со најновите пазарења за ново илегално помилување од страна на Хорхе. Ова со изборната кампања како да е една згодна „димна завеса“, забава за народ – макар и здодевна – за најновиот политички пазар што ќе се однесува на судбината на правната држава во Македонија. Како кај магионичарските трикови: додека вниманието се насочува кон десната изборна рака, од ракавот на левата незабележано се вади белиот реформиран правосуден гулаб што ќе треба да се извлече од шеширот. Абракадабра – и трикот успева!

На овој начин Собранието на Република Северна Македонија повторно е политички распуштено и, кога ќе дојде време, само ќе му се соопшти што е договорено и како ќе треба да се гласа. Останатото е техникалијата за исплаќање на патните трошоци.

Во оваа калкулација, речиси е неважно – освен за самите кандидати, кои по оваа изборна вежба секако заминуваат во политичка пензија – дали изборите ќе успеат. Дури, би можело да се тврди дека на сите страни и кај власта и кај опозицијата постојат влијателни кругови на кои неуспехот на изборите многу повеќе им одговара од нивното успешно завршување, бидејќи така, сакале-нејќеле, влегуваме во политичка криза чиешто разрешување ќе биде предмет на нови преговори.

Кај нас, спомнеш ли политичко пазарење, веднаш се отвора шампањ за да се прослави! Ура, ќе има за сите по нешто!

А ако не успеат овие претседателски избори, навистина ќе има за што да се ценкаат: Не се знае треба ли нова ДИК или составот на оваа Комисија ќе продолжи со работа? Не е јасно дали ќе се распишат следните избори за 40, за 60 или за икс-дена? Дури ни рокот кога се носи таа одлука не е јасно пропишан? Може ли Талат Џафери да биде вршител на должност претседател со месеци? Ќе се менува ли прво Законот за избори или и со овој, крпен и лепен во рамно 30 наврати откако прв пат е донесен пред десетина години, ќе се оди на тие нови избори? И којзнае уште што не…

Само е извесно дека на почетокот на мај Хорхе заминува во пензија. Ете и за нас повод да прославиме!

Колумната на Сашо Орданоски, во целост прочитајте ја тука.