Вести Македонија Ударни вести

Изгласани трите закони од петтиот пакет антикризни мерки

Сподели:

 

Со 113 гласа „за“, без воздржани и без гласови против, пратениците и од позицијата и од опозицијата ги изгласаа трите закони од петтиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и на фирмите, погодени од ковид-19 пандемијата.

Двајца пратеници од мнозинството, кои дојдоа во скафандери, гласаа од посебна просторија, бидејќи беа позитивни на корона вирус.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, заразените пратеници дошле во Собранието целосно почитувајќи го протоколот од Комисијата за заразни болести.

Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО–ДПМНЕ, пак, обвини дека Уставот е прекршен и дека не смеело да доаѓаат лица позитивни на ковид-19, со што е ставено во прашање здравјето на сите пратеници. Тој посочи дека тоа е себепромоција и драма, бидејќи имало доволен број на пратеници во собраниската сала. Претседателот на Собранието Џафери му одговори дека, токму опозицијата со илјадници амандмани ја блокираше работата на Собранието и дека поради неа не беше во можност гласањето на законите од петтиот пакет мерки, поради што тој бил приморан да обезбеди посебни услови за гласање на овие пратеници. 

На кривична одговорност повика и пратеникот Димитар Апасиев од Левица,  кој им порача на колегите во скафандери, дека кога ќе дојде до промена на власта, не сака да им е во кожа, бидејќи за ваков прекршок се предвидува затворска казна. Џафери му одговори дека со одделни интервенции во деловникот е овозможено под посебни околности да биде обезбедено нивнотоо присуство.

Донесениот петти пакет мерки ги вклучува Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, а кои се погодени од здравствено-економската криза од ковид-19, и тоа за месеците февруари и март 2021 година, потоа Законот за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на платите на вработените за месеците февруари и март 2021 година како и Законот за изменување на Законот за данокот на личен доход. Пред да се изгласаат овие три закони на дневен ред на 36. седница на Собранието, беше одржана и 32. седница, на која се гласаше за 20-тина точки кои поминаа со 62 гласа „за“. 

Петтиот пакет антикризни мерки се однесува на парична помош за домашните компании во износ од 1,9 милијарди денари, со опфат од околу 60.000 работници месечно.

Сподели: