Изложба „Калиопе Австрија и Северна Македонија“ – Жените во општеството, културата и науката

Сподели

 

Во „Чифте амам“ вечер (12 март) во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата „Калиопе Австрија и Северна Македонија“ – Жените во општеството, културата и науката.

„Изложбата ја истакнува улогата на жената во обликувањето на светот во изминатите 200 години. Преку прикажување на биографии на значајни австријки, изложбата има за цел да го исправи историското маргинализирање на женските достигнувања, препознавајќи ги нивните таленти, решителност и придонес. Опфаќајќи го периодот од 19 век до денес, изложбата ги истражува животите на различни жени, вклучувајќи аристократки, уметнички, научници, активистки и политичарки, прикажувајќи ги нивните предизвици и достигнувања во борбата за еманципација“, информираат од Националната галерија кои заедно со Австриската амбасада се организатори на изложбата.

Како соработник, Националната галерија во изложбата и ги вклучува биографиите на значајните македонски жени-уметнички, визионерки ги користеа своите четки за сликање како инструменти за промена, надминувајќи ги општествените бариери и создавајќи простор за себе во уметничкиот свет доминиран од мажи.

Надополнувајќи го документарниот аспект на изложбата, во останатите простории на објектот Чифте амам, се изложени уметнички дела од колекцијата на Националната галерија кои им припаѓаат на значајни уметнички кои одиграле важна улога во развојот на Македонската современа уметност, истакнувајќи го често занемарениот „женски поглед“.

На изложбата ќе бидат изложени дела од: Катја Ефтимова, Лена Стефанова, Борка Аврамова, Ана Темкова, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ – Радевска, Моника Мотеска, Дита Старова Ќерими, Жанета Вангели, Славица Јанашлиева, Виолета Чауле, Биљана Унковска, Менче Спироска и Александра Ристовска Петрушевска.

Изложбата ќе биде поставена до 21 март 2024.