Изложба на Дан и Лиа Пержовски во МСУ-Скопје

Сподели

Светски реномираните уметници Дан и Лиа Пержовски, кои пристигнаа во Скопје веќе ги исцртуваат ѕидовите на Музејот на современата уметност – Скопје, и се подготвуваат за нивната самостојна изложба, која ќе биде отворена во четврток, 26 септември, во 20 часот. Кураторка на изложбата е Мира Гаќина.

Пред официјалното отворање на изложбата, во 19.30 часот, Дан и Лиа ќе направат музејска тура за посетителите, кои се заинтересирани одблиску да ја доживеат нивната уметничка практика, која ги поместува границите на современата уметност денес.

Уметничкиот пар досега ги има исцртано ѕидовите во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен… така што ова е исклучително ретка можност да ги имаме во МСУ – Скопје.

Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот ќе се претстави со проектот „Обновени вести“ (ReNews), фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Замислен како динамична и еволутивна визуелна хроника, која реагира на тековните настани и промените во светот. Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на интензивен начин ја истражуваат и визуелизираат комплексноста на современата политика и општество. Дан Пержовски се фокусира на тоа како медиумите и информациите влијаат на нашето разбирање на светот, и „Обновени вести“ е негов обид да ги истражи и предизвика традиционалните наративи и начин на известување. Со тоа, ги поттикнува гледачите да размислуваат за информираноста, пропагандата и моќта на медиумите.

Дел од неговата изложба е и интерактивна. На поставката ќе има ѕид, каде посетителите ќе можат да цртаат или напишат нешто доколку имаат што да кажат.

„Моите цртежи се инспирирани од медиумите, особено од печатените медиуми. И многу често преку цртежот ја визуелизирам сржта, она што е нагласено во информацијата. Теми како војна, емигратски кризи, богати наспроти сиромашни…  се теми кои постојано се повторуваат во различни околности. Дел од овој концепт веќе го имам изложено во Њујорк пред неколку години, во продолжена и надополнета верзија го пренесувам и во МСУ, бидејќи е се уште актуелен“, вели Дан.

На изложбата во МСУ ќе бидат изложени и цртежите кои Дан ги има донирано на МСУ- Скопје.

Лиа Пержовски истражувачка, уредничка и концептуална уметница ќе се претстави со проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ – (Survival Kit (a selection from Knowledge Museum)) во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела. Сет за преживување е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот.

Проектот вклучува и различни интерактивни компоненти, кои ги поттикнуваат гледачите да се вклучат и да размислуваат на поинаков начин, користејќи ги визуелните елементи за да создадат нови перспективи и критичко размислување.

„Во мојот изложбен простор креирав две институции, архива од современата уметност и музеј на знаењето. Денес светот живее во хибридна војна, освен воените жаришта, тука се и пандемиите, глобалното затоплување… Па затоа изложив објекти – неопходен сет за камуфлажа и преживување. Но она што им е најмногу потребно на луѓето денес е знаењето. Земјите се менуваат многу брзо, затоа треба да бидеме адаптибилни и покреативни. Во рамки на изложбата направив и времеплов на уметноста од нејзините почетоци до денес. Изложбата е повеќеслојна и покрај уметноста и знаењето се занимава и со аспектите кои го градат идентитетот на еден човек“, вели Лиа.