Изложба на Мице Јанкуловски во Музејот на областа Бузау, Романија

Сподели

 

На 14 мај во 21 часот, во Музејот на областа Бузау, Романија се отвори самостојната изложба на слики „Пофалба на црното“ од МИЦКО (Мице Јанкуловски). Отворањето на изложбата беше во рамките на Европската ноќ на музеите 2022, а изложбата ќе трае до 14 јуни 2022.
 
 
 
 
Музејот на областа Бузау на Европската вечер на музеуте 2022 се претстави со атрактивна програма која резултираше со посета на над 3000 посетители. Јанкуловски се претстави со слики, акрил на платно, од  неговото творештво препознатливо според монохромност (користи само црна боја), мултипликација, модуларност и минимализам.  
 
 
 
 
Изложбата ја отвори претседателон на областа Бузау, г. Еманоил Нигу, поздравен говор имаше директорот на Музејот на областа Бузау, г. Даниел Костаче, а за творештвото на Јанкуловски зборуваа Ангел Александру, историчар на уметност (автор на текстот во каталогот) и Корнелија Конеска, куратор на изложбата.
 
 
 
За творештвото на Јанкуловски 
(извадоци од текстот во каталогот од Ангел Александру, историчар на уметност, Музеј на областа Бузау, Романија)
 
„Уметноста, генерално, нема точно дефинирана, едноставна дефиниција, но ако ја сметам како предизвик, можам да ја гледам како игра. Но, секоја игра има свои правила кои уметникот си ги наметнува за да го постигне својот креативен пристап, кој многу пати е неверојатен со генијални и неповторливи решенија како да е роден од присуството на шестото сетило кое му помага да ги реши проблемите, наизглед невозможно да се решат. Пред мене е изложбата „Пофалба на црното“ на уметникот Мице Јанкуловски со концепт кој исто така подлежи на ограничувачки канони, кои на прв поглед го намалуваат полето на изразување избегнувајќи фигурација, боја или вредносни разлики, работи кои стануваат правила на игра. Но, ова се само изговор за длабинско истражување на стилот веќе специфичен за сликарот, мистериозен стил кој постепено ја открива уметничката порака…
 
 
 
Мице Јанкуловски е мајстор на длабоката уметност која постепено се открива и се расплетува на неколку тематски рамнини кои делумно се вкрстуваат создавајќи го интелектуалното задоволство специфично за конзумирањето на висококвалитетна уметност“.