Изложба на Перица Георгиев во Чифте амам: „И во огнот штом ќе запролети“

Сподели

 

Изложба на Перица Георгиев „И во огнот штом ќе запролети“, во Национална галерија, 21 декември, во 20 часот

Со изложбата во Национална галерија, неформална камерна ретроспектива на дела од периодот на неговото делување од крајот на минатиот милениум, Перица Георгиев-Пепси нѐ воведува во егзистенцијално-духовни прашања и ги бара одговорите за смислата на животот и философијата за сопственото постоење.

Притоа, евидентно е прочистувањето на визуелната палета. Тој ги материјализира и ги презентира сите интимни состојби и ситуации што го провоцираат уметникот на креативен чин и се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи метаризница на минатото – во иднината.
Пепси со својата ликовна лексика говори за внатрешниот импулс и надворешната експресија. Неговите дела претставуваат интимно-имагинарен дневник, тие се плод на личен белег и единство, кое сведочи за творечката енергија како слика на неговата душа и сензибилитет, додека возвишеното, трансцендентното, својата форма ја наоѓа во динамиката на потегот, формата, бојата, светлината…

За Пепси сликата е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и на потрагата по личната вистина и суштината на постоењето. Оттука, во овие негови дела може да се откријат елементи од потсвеста, психата и потиснатите чувства, каде духот продуцира слика. Обликувањето на сликата вклучува два процеса – несвесните и свесните активности. Акумулацијата на овие елементи го претставуваат човекот кој со сознанијата и искуствата се изградува во личност. Всушност, Перица Георгиев преку своите дела говори за животот и го слави постоењето.