Изложба “Skopje ByzArt” – историја, уметност, традиција и искуство

Сподели

 

Од 23-27.09.2019 од 10-22ч. на првиот кат од Капитол Мол, ХАЕМУС ќе ја организира изложбата „Skopje ByzArt – историја, уметност, традиција и искуство“, посветена на средновековното наследство коешто се наоѓа на територијата на градот Скопје. На изложбата ќе можат да се видат панели групирани тематски според историски, уметнички, религиозни и етнографски карактеристики, како и уметнички дела и ракотворби од изложбено-продажен карактер изработени со помош на оригинални средновековни техники од страна на сестринството на „Марковиот манастир“.

Настанот се реализира во рамките на манифестацијата „Европските денови на културното наследство 2019“, а целта е поткревање на свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство преку промоција на средновековното наследство на Скопје. Настанот е во организација на ХАЕМУС, а логистички е поддржан од Капитол Мол, Марковиот манастир и Град Скопје.

Одбележувањето на Европските денови на културното наследство започнало во септември 1991 година на иницијатива на Советот на Европа и со поддршка од Европската Унија. Македонија како држава се приклучи кон ова одбележување во 1996 година. Голем број на музеи, граѓански организации и други институции коишто се грижат за културното наследство ќе бидат вклучени во манифестацијата „Европски денови на културното наследство“ која во координација на Музејот на Македонија ќе се одржува на крајот на септември.