Карпошова вечер во знакот на фолклорот и традицијата

Сподели:

Во дворот на црквата „Св.Троица“во населбата Бардовци, во знакот на македонскиот фолклор и традиција, беше одбележана последната вечер од Карпошово културно лето. На самиот почеток, на сцената блеснаа енергичните играорци од фолклорниот ансамбл „Етнос“, со добропознатите народни танци и ора. На сцената доминираа автентичните колоритни македонски носии и звукот на традиционалниот народен мелос.

Настанот го крунисаа ѕвездите на вечерта, Зуица Лазова, Миле Кузмановски и Душко Георгиевски, кои со својот енергичен настап му дадоа душа на просторот, создавајќи мистична атмосфера пред присутните гости. Во саботната спонтана вечер, пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, нагласувајќи дека културата, традицијата и обичаите се живи, сé додека луѓето ги носат во себе и ги споделуваат меѓу младите генерации.

Овогодинешното културно лето во Општина Карпош, на граѓаните им понуди разновиден музички репертоар, за сите музички вкусови и генерации. Познати македонски музички имиња, млади и надежни рап изведувачи, културно-уметнички друштва, арт презентации и филмски проекции на „кино на отворено“, беа само дел од палетата на настани кои му дадоа специфичен печат на седумнаесеттото издание на Карпошовото културно лето.

Сподели: