Вести Македонија Став Ударни вести

Коалиција Маргини: Собранието да избере стручен и независен Народен правобранител

Сподели:

 

Мрежата за заштита од дискриминација излезе со барање Собранието да избере стручен и независен Народен правобранител. 

“Вториот мандат на Народниот правобранител Иџет Мемети истекува на крајот од 2020 година. Согласно Законот за Народниот правобранител, Собранието е надлежно да покрене постапка за избор на нов Народен правобранител преку објавување на оглас најдоцна три месеци пред истекот на сегашниот мандат. Во пресрет на изборот, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на оваа значајна функција да избере стручно и независно лице, со цел да се овозможат реформи во работењето на оваа институција, која со години наназад не успева да обезбеди ефикасна и ефективна заштита на правата на граѓаните.

Земајќи ги предвид објавите во медиумите во изминатиот период со кои различни политички партии јавно се осмелија да најават дека планираат да назначат партиски кандидати за Народен правобранител, апелираме до сите пратеници и парламентарни политички партии да се воздржат од партиски преговарања и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес за избор на следниот Народен правобранител.

Иако Народниот правобранител како институција постои повеќе од 20 години, сè уште не успева да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институциии за човекови права, како што се Париските принципи за статусот на националните институции за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија. Да се има силна,  независна и непристрасна институција Народен правобранител е важно и заради непречено спроведување на принципот на владеење на правото и за почитувањето на човековите права како основен предуслов за напредок во евроинтеграциските процеси. Агенцијата за темелни права на Европската Унија препорачува обезбедување на поголема транспарентност при процесите на избор и нивна отвореност за најголем број на кандидатки и кандидати, како и вклученост на Собранието, но и на независни актери во процесот. Дополнително, Европската комисија повторно нѐ потсети дека е потребно именување на членови на независните тела засновано врз заслуги со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ова несомнено важи и за идниот Народен правобранител.

Како здруженија на граѓани кои работат на унапредување на човековите права во земјата и на нивна заштита, низ годините утврдивме недостатоци во раководењето со оваа институција од страна на Народниот правобранител и недоследност во реализирањето на неговиот уставен мандат, што како последица имаше:

недоволна транспарентност во работењето;

случаи на донесување на несоодветни препораки и мислења во предметите со кои не се препорачува отстранување на повредите на правата;

–  нецелосно следење на почитувањето на препораките кои ги има донесено и непреземање на последователни дејства во случаите кога институциите не ги почитуваат препораките; 

ниско ниво на сензибилност и знаења за човековите права на маргинализираните групи;

недоволна соработка и дури одбивање на соработка со здруженијата на граѓани;

ретко преземање на мерки по сопствена иницијатива;

недостаток на активности за промоција на човековите права;

несоодветно прибирање на податоци и ретко спроведување на истражувања за дискриминација.

 Сметаме дека е важно да потсетиме и дека во Извештајот на Прибе беше наведено дека Народниот правобранител „се пројавува како неволен да го користи својот мандат во целост веројатно затоа што балансира помеѓу тоа да не ја вознемири премногу владејачката гарнитура во врска со определени случаи и неговата способност да спроведува истраги во помалку политизирани случаи… Народниот правобранител не пристапува систематски кон разоткриените потенцијални прекршувања на човековите права, иако, настрана од очигледниот политички притисок (директен или индиректен), ништо, теоретски, не го спречува него да делува силно на откритијата како вистински надзорен чувар на поредокот“.

Со сите овие недостатоци можеме да заклучиме дека Народниот правобранител недоволно и недоследно го реализира својот уставен мандат и не успева да ги заштити човековите права на граѓаните. Поради самоволноста и некооперативноста на Народниот правобранител, никогаш не заживеа ниту институтот „Омбудсман плус“ кој треба да гарантира поефикасна заштита на човековите права. Сите овие проблеми од неговото работење, во најголема мера се должат на слабите капацитети на институцијата, кои произлегуваат од проблемите со независноста, но и од недостатокот на знаења и вештини на Народниот правобранител и на замениците.

Предупредуваме дека со избор на партиски кандидат за Народен правобранител, а имајќи го предвид долгиот мандат од 8 години, со можност за реизбор, повторно ќе се оневозможи развој на институцијата, нецелисходно ќе се трошат буџетските средства за негова работа и граѓаните ќе продолжат да бидат лишувани од ефикасна и ефективна заштита на нивните права. Клучен предуслов за работата на Народниот правобранител е изборот на независен и на стручен кандидат, бидејќи институцијата има надлежност да ги штити правата на граѓаните од повреди од страна на органите на државната управа. Дополнително, во врска со последните случувања кои медиумите ги пренесоа за конфликтот помеѓу Народниот правобранител и замениците-правобранители, како преставници на невладиниот сектор кој е watchdog на работата на институциите, ги повикуваме надлежните инстиуции да ги проверат објавените наводи и доколку утврдат потреба да реагираат соодветно.

Апелираме до сите парламентарни политички партии да ја сфатат и да ја поддржат заложбата за непартиски кандидат, да не ја гледаат оваа институција како уште една можност за партиски вработувања, со што ќе покажат вистинска и не само декларативна грижа за човековите права и слободи на граѓаните” – се наведува во барањето до Собранието од Мрежата за заштита од дискриминација.

Сподели: