Вести Колумна Македонија Став Текстови

Коридорите на животот или исчезнувањето! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Кога мислевме дека конечно го погребавме националистичкиот дух и дека тргнуваме кон нормалното, пак некој си посипа опасен отров во менито на овие пропатени луѓе, кои ги има сè помалку! Национализмот ја уништува душата на една нација, а со тоа и нејзината иднина. Како тоа ние да не можеме институционално и смирено да се справиме со сите проблеми и недоследности, туку веднаш почнуваме со хистерија. Веднаш на помош го повикуваме ѓаволот, а тој не доаѓа со крваво лице, остри заби и жарлива опашка, туку со сите добрини што ги посакуваме!

Мерсел Биљали

Не е спорно дека треба да се бара одговор на сите прашања и институционално да се дејствува за секој денар на граѓаните. Но, треба да се внимава, фрлајќи ја валканата вода да не го исфрлиме и последното бебе што сме го избањале. Страшен отров е искажувањето дека Коридорот 8 е проект на веќе одамно заборавената „Илирида“! Такви се и бројните „анализи“ обвиени во омраза со кои се поплочува патот до пеколот. А секој што има познавање по таа материја, знае дека тој коридор заедно со Коридорот 10 се главните крвни садови на државата. По таква опака логика, и Коридорот 10 би бил некаков „големогрчки“ или „големосрпски“ проект штом минува низ нивни територии! Што е многу интересно, сега Србија на големо работи да го одземе значењето на Коридорот 8 со своја силна динамика на градење модерен автопат и железница кон Косово и Албанија, со цел поврзување со Италија и со трите континенти! Да го имавме К-8, сега голем дел од српскиот, романскиот, бугарскиот, па и турскиот транспорт ќе се одвиваше кон нашиот коридор.

Да беа завршени главните компоненти на Коридорот 8 и 10 (барем патот и железницата), денес Македонија ќе беше многу поразвиена држава и веројатно членка на ЕУ. Бугарите, немаше да не уценуваат, оти голем дел од нивни транспорти би поминувал низ Македонија. Ќе имаше многу повеќе странски инвеститции, а долж коридорите ќе беа отворени и многу други работни места (бензински пумпи, ресторани, хотели, мотели, механичарски сервиси, продавници итн). Голем промет ќе имаше за бројни овдешни транспортни фирми, плус ќе се плаќаше патарини, данок итн. Тоа се тешки милијарди евра.

Коридорите како спас!

Македонија меѓу првите почна со двата коридора, но потоа застана. Да продолжеше со нивна реализација, сега ќе беше лидер во регионот. Башка, што сега веќе е загубен чекорот со конкурентните коридори во регионот кои продолжуваат да се градат со голема брзина. А ние се давиме во недоследности и глупости.

Сега К-8 има два сериозни конкуренти, а К-10 еден ама силен, кои можат државата од балкански крстопат да го претворат во слепо црево. Имено, од северна страна, Србија со Албанија интензиво работат на нивното автопатско и железничко поврзување низ Косово, иако сеуште има бројни нерешени проблеми меѓу Србија и Косово. Но, ниту еден аналитичар или политички претендент во Србија, за разлика од тука, не ја напаѓа српската власт дека прави албанизација на транспортната мрежа! Србија знае дека тоа е нејзин витален економски и геополитички интерес, а споровите се минливи. Србија сега интензивно работи на автопатот Ниш –Приштина, кој веќе е финализиран до Прокупље и продолжува кон Мердаре (границата со Косово), за да се приспои кон автопатот Приштина –Драч. Исто така, познато е дека еден важен крак од српскиот К-10 (Ниш – Истамбул), одзема добар дел од профитот што нашата држава ќе го добиеше да беа во функција К-8 и К-10. Од Ниш до Софија се стасува за еден час и се продолжува долж Коридорот 4 кон Грција (Солун, Кавала и Александрополис).

Вториот конкурент на нашиот К-8 е тнр, „Via Egnatia“, која беше целосно пуштен во употреба во 2009 година од Александрополис на грчко-турската граница до Игуменица (на Јонско море), во должина од 670 километри, а изградбата чинела над 7 милијарди евра, што е најскапиот проект во историјата на Грција. Сега тој одзема промет од околу 45 отсто од капацитетот што требаше да се транспортира низ нашиот К-8. Ова е поради нашето доцнење. Ако продолжиме да ги опструираме нашите коридори, тие имаат шанси тотално да се маргинализираат. Ќе наликуваме на пуст остров од сите заобиколуван!

Колку политиката може да им наштети на коридорите покажува примерот на Србија за времето на Милошевиќ. Тогаш таа се искара со целиот свет и меѓу другото многу му наштетил на К-10. Тука и Македонија претрпе големи загуби. Имено српскиот тогашен инает нарпави К-10 тотално да се маргинализира, и ЕУ на брзина да го изгради К-4 (од Словачка, преку Унгарија, Романија, Бугариј до Грција). Така транспортот се пренасочи кон таа страна. Последиците од тие глупости силно се чувствуваат и ден денес, оти сега Коридорот 10 има околу 50 отсто помал промет од неговиот капацитет, а и ние имаме голема штета. А и самите загубивме многу од тоа што задоцнивме со коридорите, а ако продолжиме вака, веројатно ќе се самоизолираме.

Реално Албанија веќе нема голем интерес за К-8, оти таа веќе се поврзува и кон север (низ Косово и Србија) и кон југ кон „Via Egnatia“ (Грција). Изгледа дека не постои добра шанса што ние не можеме да ја прокоцкаме!

К-8, не е само пат и железница, туку и многу други компоненти (400 кв електрични далновод, телекомуникации, гасоводи, авонски линии, траекти итн). К-8 продолжува до Италија (Бриндизи и Бари), со што се поврзува со главните европски коридори. К-8 опфаќа и мултимодален транспорт на стоката низ патиштата, железницата и морето. На модерниве тракти се качуваат цели транспортни возови. Да потсетиме дека гасоводот кој во почетокот на 90 години се планираше да помине низ Македонија, сега веќе поминува низ северна Грција и јужна Албанија (гасоводот ТАП кој е приклучен кон тускиот гигант ТАНАП). САД со години работеа Македонија да ја претворат во балканска сообраќајна крстосница, ние никој не може со сила нешто да ни даде, дури и златник. Ние тераме инает со себе како магарето пред мостот!

За жал, неказнивоста на високата корупција направи борбата за власт кај нас да наликува на борба меѓу животот и смртта, а омразата е само како помошна алатка во таа војна. Се плашам дека вака сите ќе изчезнеме од ова тло. Веќе половината од виталното население неповратно ни замина.

Сподели: