Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Ковачевски: Со Коридорот 10-д ја позиционираме државата на инфраструктурната карта на Европа

Сподели:

 

Претседателот Димитар Ковачевски, денеска во Прилеп, присуствуваше и се обрати на настан по повод означување на почетокот на реализацијата на автопатската делница Прилеп-Битола, како дел од активностите за изградба на Коридорот 10-д, кој заедно со Коридорот 8 е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата.

Ова е проект којшто е од национален и стратешки интерес за државата, од кој придобивка ќе имаат граѓаните, економијата и државите коишто ги поврзува овој Коридор. Изградбата на Коридорот 10-д е траен влог и наследство за идните генерации. Драго ми е што и нашите стратешки партнери САД, ја препознаваат важноста на владините политики што ги преземаме за развој на инфраструктурата, особено бенефитот што ќе го има не само нашата држава, туку и соседните држави од изградбата на најголемиот инфраструктурен проект, Коридорите 8 и 10-д.

 

 

Изведбата на делницата Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10-д, во должина од 40 километри, заедно со автопатските делници од Коридорот 8, претставуваат најголема капитална инвестиција во нашата земја, која ќе биде пресвртница во развојот на нашата држава. Инвестиција, со чијашто реализација нашата држава конечно од кружен тек на Балканот станува вистинска крстосница на Балканот. Инвестиција, со којашто Северна Македонија ја позиционираме на економската и инфраструктурната карта на Европа. Тоа што беше многугодишна стратешка определба на многу влади, оваа Влада денес го реализира.

Коридорите 8 и 10-д, кои досега беа само на хартија, се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. За прв пат, преку модерна инфраструктура после 30 години се поврзуваме со исток и запад, се поврзуваме со нови пристаништа во Драч и во Бургас, ги зајакнуваме транспортните врски со регионот.

 

 

Придобивките од изградбата на овој проект се огромни и од повеќе аспекти. Изградбата на коридорите 8 и 10-д значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години. Паралелно, со реализацијата на овој проект, се отвораат можности за нови бизниси, изградба на нови објекти од различни дејности, бензински пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите. 

Од 2017 до 2022 година се вложени 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. Сега, со Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д, започнавме со подготвителните работи за изградба на околу 110 километри автопатишта во следните 4 години или по 23 километри автопат годишно. Со промената на актуелните законски решенија ќе се обезбеди побрзо и поквалитетно изведување на коридорите, но и на сите идни стратешки проекти како овој, со што го трасираме патот за брз економски раст на државата. Законските измени се предвидени и за патната и за железничката и за енергетската инфраструктура од стратешко значење за државата.

Посакувам успешна работа и изведба и на овој Коридор 10-д, кој ќе донесе подобра иднина за нашата држава, но и за државите околу нас и пошироко.

За крај, сакам да им порачам и на Министерството за транспорт и врски и на Јавното претпријатие за државни патишта и на „Бехтел и на Енка“, другари и другарки, дами и господа – да се фатиме за работа, доста беше зборување.“

Сподели: