Вести Македонија Ударни вести

Шведска донираше опрема за мерење на загадувањето на воздухот вредна над 300.000 евра

Сподели:

 

Денес и официјално на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) му е предадена опремата наменета за мерење на квалитетот на воздухот во вредност од повеќе од 300 илјади евра, обезбедена во рамките на поддршката на Шведска во подобрувањето на квалитетот на воздухот во Северна Македонија. Покрај тоа, Шведска и финансиски ја помогна соработката помеѓу Шведската агенција за заштита на животната средина (Шведска ЕПА) и МЖСПП преку тригодишниот проект „Поддршка на Северна Македонија во пристапувањето во ЕУ на полето на животната средина“.

МЖСПП доби високопрецизна лабораториска опрема за мерење на квалитетот на воздухот. Со проектот се подобрија капацитетите за мерење на осумте мерни станици распоредени низ Северна Македонија, каде што беа заменети 14 застарени мерни инструменти за РМ10, азотни оксиди и озон и беа инсталирани 8 нови за следење на концентрацијата на РМ2.5. Овие параметри претставуваат стандарден сет на загадувачки супстанции што се следат и што имаат големо влијание врз човековото здравје.

„Замената на старите мерни инструменти и поставувањето нови во мониторинг-станиците во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух беше голем предизвик, особено затоа што тоа значи подобрување на системот, кој е единствениот официјален извор на податоци за квалитетот на воздухот на национално ниво“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, нагласувајќи дека овој систем е од голема важност за управувањето со квалитетот на воздухот, креирањето национални политики, известувањето до Европската агенција за животна средина и неколку меѓународни договори, како и за нашите континуирани напори за примена на законодавството на ЕУ, а со тоа и забрзување на процесот на евроинтеграција.

Со цел да ѝ се помогне на Северна Македонија во надградбата на системот за мерење на квалитетот на воздухот и за собирање податоци за квалитетот на воздухот согласно стандардите на ЕУ, кои претставуваат критериуми за пристап кон ЕУ, Шведската агенција за заштита на животната средина ја препозна потребата на земјата за зајакнување на инфраструктурата и капацитетите потребни за мониторинг на квалитетот на воздухот. Амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Кристин Форсгрен Бенгтсон, зборуваше за важноста на проектот во насока на подобрување на ефикасноста на институциите одговорни за мерење на квалитетот на воздухот.

 

 

„Загадувањето на воздухот претставува глобална здравствена криза и потребно е да ги насочиме напорите за нејзино решавање во најкраток можен рок. Добро е познато дека нивоата на загадување на воздухот во македонските градови, голем број денови, особено во текот на студениот период од годината, ги надминуваат препораките на СЗО. Токму затоа, Шведска е горда што може да ги поддржи напорите за решавање на ваквата ситуација“, изјави амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Кристин Форсгрен Бенгтсон, нагласувајќи дека новите мерни инструменти ќе овозможат подобри податоци за квалитетот на воздухот и ќе им помогнат на луѓето да носат одлуки врз основа на информации.

„Со оваа донација на инструменти ќе им се помогне на јавноста и на лицата одговорни за носење одлуки во Северна Македонија подобро да разберат кои загадувачки супстанции се наоѓаат во воздухот“, рече Кристијан Силвер, раководител на проектот од Шведската ЕПА. Исто така, истакна дека на лицата одговорни за носење одлуки им се потребни сигурни податоци со цел примена на ефикасни мерки за борба против загадувањето на воздухот.

На состанокот во МЖСПП, министерот Нуредини упати благодарност и за поддршката за надградба на Системот за управување со податоци (AIRVIRO), како и за воведувањето на софтверот RAVEN за известување за податоците за квалитетот на воздухот до Европската агенција за животна средина. Исто така, истакнато беше дека проектот вклучува и голем број други активности чија цел е поддржување на Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ и градење капацитети во рамките на биолошката разновидност и заштитата на природата.

Сподели: