Крај на неевидентираните лица, 526 личности добија изводи на родени

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан по повод доделување изводи на граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени.

 

 

“Денеска, ставивме крај на еден горлив три децениски проблем којшто го имаа стотици граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени. Овие наши граѓани немаа документи за идентификација, не можеа да се лекуваат, ниту да се вработат, не може да склучат брак, ниту пак да го регулираат статусот на нивните деца, едноставно ги немаше во системот на државата.

 

 

Со измените на Законот за матична евиденција, решивме животни прашања на многу наши граѓани. Се решија околу 526 човечки судбини, од кои до сега извршен е упис во матичната книга на родените на 409 лица. Останатите 117 лица ќе се упишат до крајот на годината. На овие наши граѓани им овозможивме да си ги остварат своите животни права, а пред сѐ правата за социјална и здравствена заштита. После една деценија, им овозможивме да си го остварат правото на заштита на нивното здравје преку нивно здравствено осигурување, децата да посетуваат редовна настава и да добиваат свидетелства за завршено образование.

До сега овие луѓе беа надвор од пазарот на трудот, сега им овозможуваме да се вработат, да отвораат и регистрираат свои сопствени фирми. Со нивното евидентирање во матичните книги им отворивме можност да ги користат сите бенефиции кои им ги нуди Уставот и Законите на РС Македонија. Тие сега можат легално да стапат во брак, а нивните потомци без никаков проблем да бидат заведени во матичната книга на родените.”