„Креативна Европа – Соработка, мобилност и вмрежување“ во Скопје

Сподели

Во организација на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Канцеларијата на Креативна Европа (Култура и МЕДИА), вчера, (24 јуни 2025 година), во Порта Македонија – Скопје, се одржа серија панел-сесии на тема: „Креативна Европа – Соработка, мобилност и вмрежување“.

Настанот се реализираше во партнерство со Канцелариите на Креативна Европа од Словенија и Босна и Херцеговина и во соработка со бројни меѓународни, регионални и домашни организации, меѓу кои: меѓународната мрежа „On the Move“ (Белгија/Франција), Центарот за современи уметности „Топлоцентрала“ од Софија, Центарот за современи уметности – Скопје, Младинскиот културен центар – Скопје, Институтот ФАМЕС – Скопје, ПИН музичката конференција, Скопскиот џез фестивал, Македонската асоцијација на џез музичари и слободни уметници, НУ Оркестар за џез музика, Европската кино мрежа (Europa Cinemas) – Франција, НУ Кинотека на Македонија и НУ Центар за култура – Битола.

На панел-сесиите беа опфатени клучни теми поврзани со европската културна соработка, мобилноста на уметниците и културните професионалци, како и значењето на вмрежувањето. Беше презентирана мрежата на Канцелариите на Креативна Европа, а учесниците дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат културните и креативните сектори во рамки на програмата „Креативна Европа“ во Европа и пошироко.

Особен акцент беше ставен на улогата на европските и регионалните културни мрежи во Западен Балкан, при што беа претставени најновите политики, програми и активности, како и успешни примери на соработка од регионот.

Посебна сесија беше посветена на музичкиот сектор, со фокус на значењето на европската соработка, мобилноста и вмрежувањето во музичката индустрија. Во оваа дискусија учествуваа претставници на домашни организации и институции кои активно учествуваат во европските културни иницијативи и програми поддржани од „Креативна Европа“.

Имајќи предвид дека од оваа година Канцеларијата на Креативна Европа – РС Македонија е интегрирана во Министерството за култура и туризам, на настанот се одржа и сесија посветена на значењето на европските аудиовизуелни мрежи, со посебен фокус на Европската кино мрежа (Europa Cinemas).

Настанот заврши со повик за продолжување и зајакнување на регионалната и европската соработка во културниот и креативниот сектор, со цел да се создадат нови можности за развој и интернационализација на македонската културна сцена.