Алтернатива Настани

Критична маса НаТочак: Се гледаме во 2019 со нови, интензивни борби, на нови фронтови!

Сподели:

Се гледаме во 2019-та“, со нови желби, нови предизвици, со повеќе луѓе на точак на улиците!

Изминатите, безмалку 12 месеци, НаТочак освен што иницираше и организациски поддржа 11 критични маси и 12-та во најава, во април предложи измени на закони и правилници за урбанистичко планирање, ги координираше и промовираше Winter Bike To Work Day настаните во февруари, Детската критична маса со Ветерница во ноември, во мај организираше заедно со НУБ „Св. Климент Охридски“ изложба на 73 постери од Критична маса… НаТочак спроведе анкета за украдени точаци во месец февруари и објави поразителни резултати, анализираше билтени на МВР за судири во кои биле вклучени велосипедисти и прати допис до Министерството со барања. Реагираше соодветно за раскопани велопатеки, исечени дрвја и неодржувани гранки, несоодветно реконструирани улици, паркирани автомобили посебно доколку беа во сопственост на институции, сообраќајни судири, правевме велоинспекции на патеките, учествувавме активно со сугестии во изготвување на новиот Нацрт план за велосипедски сообраќај на Скопје кој допрва треба да се донесе. Баравме безбедни зони околу школите и вистински Ден без автомобили. НаТочак учествуваше во експеримент за комбинирање на железнички со велосипедски сообраќај во септември, а во март направи уште еден протестен експеримент со „жив штит“ од човечки столпчиња и прослави фиктивен Национален ден на немање безбедна патека при градба. Исто така, изминатата година првпат се појави иницијатива од страна на студенти за креирање платформа за регистрирање на велосипеди – Велорегистар. Но, за жал, на Средно Водно, повторно се вратија автомобилите и забраната беше укината и заменета со платен паркинг, а Скопје доби и статус на најзагаден град во Европа. 
Од една страна се ослободуваа некои патеки од паркирани возила, но други улици при реконструкцијата остануваа автоцентрични…

Од друга страна, во светот, истата оваа година, Централ Парк на Менхетн стана перманентно зона без автомобили, Париз забрани автомобили во четири зони во центарот, секоја прва недела во месецот. 3-ти јуни беше прогласен за Светски ден на точакот од страна на ООН!

Критична маса во Скопје започна пред шест и пол години како барање да нѐ видат и слушнат нас граѓаните кои го користиме точакот како превозно средство. Затоа излеговме на улица. И КМ успеа во тоа. Она што започна како протест против лошите услови за движење со точак низ градот, прерасна во глас за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, во идеја и борба за ремоделирање на Скопје да стане поубав, плански град во кој ќе се донесуваат не брзи и неодржливи одлуки на долгогодишни проблеми, туку смислени, системски решенија за град каков што посакуваме сите, град за луѓе.

Изминатите шест и пол години, скопските велосипедисти извозеа 79 Критични маси, континуирано, без исклучок, секоја последна среда во месецот, без оглед на временските услови, општествени случувања, турбуленции, со цел да кажат што недостасува, да критикуваат и да предложуваат. Станувавме сѐ побројни, погласни и повидливи и Критична маса денес прерасна во движење кое многумина го знаат и поддржуваат, без разлика дали возат точак или не. Секој метар на новоизградена велосипедска патека, секој нов велосемафор, секое поставено столпче на тротоарите значеше една мала победа и некој велосипедист повеќе во велосемејството.

Критична маса имаше првична цел да го донесе на дневен ред велосипедскиот сообраќај. Прво и основно, да сфатат надлежните дека велосипеди не се само за спортување и рекреирање надвор од град на мала вешта група луѓе, туку пред сѐ, тип на сообраќај кој мора еднакво да се третира и за кој мора да обезбедат основни услови за да биде достапен за сите граѓани внатре во градот…(за овие почетоци имаме многу анегдоти, но во друга прилика)

Можеме да кажеме дека во овој момент велосипедскиот сообраќај е валидиран како таков од институциите и започнат е процес на обезбедување минимални услови, но конечната цел за безбеден и удобен вело-пријателски град се остварува со мноогу споро темпо. Поради тоа, НаТочак во наредната година ќе ги фокусира силите на посериозно учество во политиките кои ги носат сите релевантни институции за велосипедската инфраструктура, градењето и планирањето, безбедноста во сообраќајот, вклучувајќи ги и силите кои досега беа резервирани за организациски поддршка на Критична маса. НаТочак ќе критикува, ќе прави притисок, ќе инсистира, ќе предлага и нуди решенија за градот што побрзо, без одложувања да стане Скопје Велоград.

Иако НаТочак вложи организациски капацитети секојa Критична маса да биде специјално осмислена со важни и актуелни теми, со пропратни акции, дописи во контекст на темата, со соодветни дизајни и истражувања кои ја проследуваа, сепак Критична маса не е НаТочак. Критична маса отсекогаш била и останува на сите велосипедисти кои изминатите години давале поддршка на настанот преку присуство, преку дизајн, смислување рути, промоција на настанот, лепење постери и делење чај, на сите кои се грижеле возењето и сѐ околу него да помине во најдобар ред, сите кои возат велосипед секојдневно или барем еднаш се качиле на него. 
Поради тоа, последна среда од месецот, 17:30, Плоштад Македонија, нека остане како термин за вело-средби, сѐ додека има ентузијасти кои сакаат да се среќаваат во таков облик и да возат заедно низ улиците. Единствената промена ќе биде што од јануари, поради горенаведените причини, НаТочак нема редовно секој месец да биде организациска поддршка. 

Во меѓувреме, ве повикуваме да бидеме критична маса секој ден со тоа што ќе бидеме помасовни низ скопските улици. Да видат сите дека нѐ има. Дека ги користиме велосипедските патеки за кои сите заедно се боревме, но и да покажеме дека ни требаат нови и поквалитетни! Дека ни требаат безбедни вело паркинзи и современ систем за изнајмување велосипеди. Да пишуваме, да бараме, да продолжиме да бидеме гласни.
Заедно, ние и вие, да бидеме критична маса секој ден, секој до својата работа, факултет, кафуле, театар, до својата општина… секаде каде што одиме, да нѐ има што повеќе. Тоа беше и ќе биде вистинската критична маса која ќе го промени градот.
***
Оваа година, единаесет пати ѕвоневме заедно по скопските булевари, улици, раскрсници. Повикувавме на измени и дополнувања на законите, мултимодален транспорт, повикувавме на одговорност за безбедноста на велосипедистите, информиравме и едуциравме. Дванаесет дизајнери ни помогнаа со нивниот визуелен израз да ги пренесеме пораките кои беа во фокус на Критична маса последните 12 месеци и со нивните дела ја збогатија колекцијата со одлични постери: Сергеј Пулиос, Александра Филипоска, Димитар Ристовски, Преплет, Марко Манев, Бисера Михајловска, Ивана Јовановска, Милан Тасевски, Александар Бојковски, Лазе Трипков, Ана Здравкова и еден дизајнер кој сакаше да остане анонимен. Голема благодарност до нив.

Да ја испратиме 2018-та во среда, во 17.30 часот од Плоштад Македонија, со 12-тото возење на Критична маса оваа година и 80-тото јубилејно откако започнавме во Скопје и да прославиме после возењето со заедничко дружење во СЦ Дуња со греено вино и чај, да си посакаме убави желби во 2019-та година, но и да најавиме нови, интензивни борби, на нови фронтови. 

Се гледаме во среда, на точак. 
Бидејќи е последна Критична маса од ваков тип во низа, ќе испробаме нешто ново, ќе возиме по слободна рута, онака како што возат во многу градови во светот. Веќе го имаме испробано концептот за една друга Нова година, но сега ќе пробаме пак.
Знаеме само почеток и крај, рутата ја креираме на лице место.

https://bit.ly/2Cwbt4O

Не заборавaјте да ги украсите точаците!

Сподели: